Кокос торта со желе бонбони (без печење, без миксер)
Состојки
- За подлога
- 12 лажици овесни снегулки
- 20 лажици мелени бисквити
- 8 лажици шеќер во прав
- 20 лажици слатка павлака
- 1 лажиче ванила екстракт
- 2 лажици кокосов путер
- За фил
- 400 гр засладено кондензирано млеко
- 400 гр кокосово брашно
- 200 мл слатка павлака
- 200 гр желе бонбони
Подготовка
Ретко подготвувам торти со кокос бидејќи имам член на семејството кој не е баш љубител на кокосот.
Мојата идеја беше да направам бела торта во која при пресек ќе дојдат до израз боите на желе бонбоните, и мислам дека успеав во тоа.
Подготовка
1. Овесните снегулки и бисквитите ги мелеме. Јас тоа го направив во Нутрибулет.
2. Ги соединуваме со шеќерот во прав, растопениот кокосов путер, ванила екстрактот и слатката павлака.
3. Во калап тава со обрач бр. 24, кое сме го премачкале со путер ја ставаме смесата и ја измазнуваме. Го одложуваме калапот во фрижидер.
4. Ги сечкаме желе бонбоните на мали коцкички.
5. Засладеното кондензирано млеко и слатката павлака ги соединуваме, само промешуваме со лажица, не ги матиме со миксер.
6. Ги додаваме кокосовите снегулки и желе бонбоните, па внимателно соединуваме.
7. Целата смеса ја распоредуваме на подлогата и оставаме малку да се стегне и да се соединат вкусовите.
8. Поминуваме околу страниците на тортата со ноже за да ја одвоиме од калапот и го тргаме обрачот.
9. Украсуваме по желба.
Забелешка
Ако сакате можете калапот да го обложите и со најлонска фолија или ацетатна хартија.
Ова е точна доза на употребени состојки, меѓутоа ако не ви се допаѓа густината на филот или на подлогата слободно калкулирајте со течностите што ги содржат.
На главната фотографија состојките што се употребени се околу ¼ од потребните, од напишаните. Дел од состојките ги тргнав на страна и ги подготвив во мал калап за да имам поубава фотографија. Остатокот го подготвив во тава со обрач бр.22.
Еве и вака може ако сакате да направите помала доза.
Инаку може да ја прекриете со ганаж од бело или црно чоколадо иако и вака нејзиниот изглед е предизвик за да се проба.