Слатка обланда салама Дониа
Состојки
- 1 лист голема обланда
- Потребно за фил
- 300 гр мелени бисквити
- 200 гр желе бонбони од Дониа
- 5 чоколадни бананчиња
- 100 гр слатка павлака
- 200 гр чоколадо за готвење
- 100 гр шеќер
- 100 гр маргарин
- 100 гр мелени ореви
- 2 ванили
Подготовка
Овие таканаречени салами или ролати се најдобри и најпрактични десерти бидејќи се брзи за правење, лесни, може да се замрзнуваат и чуваат подолгорочно, па и да се најдат случајно за ненајавени гости или за некоја ненадејна потреба за благо...
Подготовка
Една памучна кујнска крпа, поголема, ја натопив со топла вода, добро ја исцедив со помош на рацете и веднаш го обложив со неа листот обланда да отстои и омекне од влагата на крпата.
Слатката павлака со ванилата, шеќерот и чоколадото се растопуваат на пареа. Маргаринот се додава на крајот во оваа смеса веднаш штом се растопи чоколадото и се тргне од огин смесата. Се меша со лажица додека се растопи убаво и маргаринот. Во оваа смеса се додаваат мелените ореви и бисквити. Добро се промешува и на крај се додава и ситно сечканите чоколадни бананчиња и желе бонбоните на Дониа.
Филот веднаш се истура врз омекнатиот лист обланда и рамномерно се распоредува насекаде. Со помош на стреч-фолија обландата се витка во ролат-салама и се става во фрижидер да се излади убаво и стегне или за подобро сечење на парчиња, најдобро е да се замрзне. Потоа сечев парчиња со 1см дебелина.