Качамак (бакардан) со пржена сланина
Состојки
- 450 гр пченкарно брашно
- 1200 мл вода
- 1 лажица сол
- 300 гр сланина
- малку масло, сирење по желба или домашен ајвар
Подготовка
Во пошироко тенџере ставете ја водата да зоврие и додадете ја солта.
Кога ќе зоврие водата, тргнете го тенџерето на страна и полека додавајте го брашното (со нежно посипување) така да брашното остане на површината (не смее да пропадне долу).
Со рачка од дрвена лажица направете 4-5 дупки (забодете ја рачката неколку пати во брашното, така да пропадне до дното).
Намалете ја температурата на ринглата на најслабо и вратете го тенџерето врз ринглата.
Водата ќе почне да врие и да излегува низ дупките што ги направивте во брашното.
Водата не смее да врие многу силно. Ако забележите дека тоа се случува, тргнете го тенџерето настрана, почекајте малку да се олади и проверете дали температурата ви е на најниско.
Откако ќе бидете сигурни дека водата врие, ама слабо, покријте го тенџерето со капак и оставете го бакарданот да се вари околу половина час. Повремено проверувајте ја состојбата.
Во тавче без масло ставете ја сланината исечкана на ситни коцки и пропржете ја. Ако сакате можете да додадете и малку масло и исечканите пиперки, па да ги запржите и нив.
Откако ќе поминат 30 минути, тргнете го тенџерето настрана и извадете една чаша од течноста (околу 200 мл). Не ја фрлајте оваа вода.
Содржината на тенџерето се меша со рачка од дрвена лажица додека брашното и водата не се соединат (да се добие тесто).
Ако се создадат грутки (што е многу веројатно), употребете миксер со стапчињата за тесто и мешајте на најмала брзина се додека смесата не се изедначи.
Ако сметате дека тестото е многу тврдо, додадете од водата која претходно ја извадивте во чаша и повторно промешајте.
Во тавчето каде се пржеа сланината и пиперките, додадете уште малку масло и ставете го малку да се загрее на оган. Откако ќе се загрее, истурете ја целата содржина врз тестото и промешајте со рачката од дрвената лажица.