Торта со тробоен фил од аронија (без печење)
Состојки
- 1 кружна кора Винчини
- 395 гр засладено кондензирано млеко
- 20 гр путер
- 200 гр бело млечно чоколадо
- 100 гр аронија
- 50 гр вишни без семка
- 250 мл млеко
- 2 пакетчиња шлаг
- 50 гр шеќер
- 100 гр кисела павлака
- 10 гр желатин
- 50 мл вода
- неколку зрна аронија за боење на шлаг филот
- 2-3 лажици млеко или вода
Подготовка
Кога се користат готови Винчини кори секоја подготовка на торта е полесна и поедноставна. Еве ме повторно со едно совршенство од вкусови создадено во мојата кујна.
Неретко ми се случува една идеја да ја преточам во друга, па така и со тортава. Првично требаше да бидат тортици со готовите чоко кори од Винчини, ама кога ги видов боите на филовите веднаш се премислив, едноставно сакав тие да дојдат до израз. Така и се создаде оваа совршена торта.
Подготовка
1. Калапот во кој ја редев тортата е со пречник од 22 см. Толку ја сечеме и округлата кора од винчини корите за торти. Ја ставаме на дното од калапот.
2. Во тенџере на средна температура го ставаме кондензираното млеко заедно со путерот. Откако ќе се загрее и путерот се растопи, го тргаме на страна и го додаваме чоколадото во коцки, да се растопи. Интензивно промешуваме до соединување и измазнување на смесата.
3. Кремастава смеса ја делиме на два дела. Во едниот дел ставаме блендирана аронија, соединуваме. А во другиот дел ставаме вишни и соединуваме.
4. Врз Винчини кората прво го распоредуваме кремот со аронија, малку го оставаме калапот во замрзнувач да се стегне, па го ставаме делот со вишните и тој го ставаме во замрзнувач да се стегне. За тоа време го подготвуваме следниот фил кој го делиме на два дела.
5. Желатинот го ставаме во 50 мл вода да се раствори, па го загреваме на слаба температура да се растопи.
6. Во ладно млеко го ставаме шеќерот, соединуваме до растопување па го додаваме шлагот во прав. Матиме со миксер до згуснување, па ја додаваме киселата павлака, соединуваме, па го ставаме и желатинот, промешуваме со миксер. Филот го делиме на половина.
7. Во едниот дел додаваме изблендирана аронија со малку млеко или вода, додаваме по малку и матиме со миксер додека да ја добиеме посакуваната нијанса на виолетова боја. Ја распоредуваме смесата врз веќе стегнатиод фил од вишни. Враќаме кратко во замрзнувач да се стегне.
8. Вториот дел го оставаме како што е, во бела боја и го распоредуваме врз стегнатиот виолетов дел/фил. Тортата ја оставаме во ладилник убаво да се стегне.
9. Украсуваме по желба и вкус.
Забелешка
За подготовка на овошните филови може прво да го блендирате овошјата (во Нутрибулет),па кон нив да ја додадете смесата со кондензирано млеко(во чашките) и повторно да блендирате до соединување. А можете и заедно да ги изблендирате, како ви е полесно, така правете.
За во филот од шлаг додаваме густо изблендирана аронија со малку вода или млеко. Од неа во шлагот додаваме постепено, додека да ја добиеме посакуваната нијанса.
За филовите користев замрзнати овошја. Калапот може и да ви биде со поголем дијаметар, ама тортата во тој случај ќе ви биде пониска.