Предјадење од кајсии - од Римската античка кујна - GUSTUM DE PRAECOQUIS
Состојки
- 1 кгр. цврсти добро узреани кајсии
- 200 мл. бело суво вино
- 250 мл. вино - Passum
- околу 4-5 ливќиња мента
- 100 мл. вода
- на вкус масло, вински оцет, нишесте, бибер
- 2-3 лажици мед
Подготовка
Ме гонеше мислата за ова предјадење од кајсии, секако и љубопитноста за вкусот на истото. Приготвено по древен рецепт од Античката Римска Кујна... необично е, се мислиш дали ќе се зацрпи повторно. Можеби ги изневерив затоа што јас го послужив како сос со динстани свински кременадли, а можеби пак и така треба, не разбрав дали како класично предјадење го служеле. Разбрав дека кога се приготвувало ова предјадење тоа значи дека имало важен гостин во куката, дека на овој ритуал од ручек не требало да бидат помалку од тројца, но не и повеќе од девет присутни луѓе. Мажите комотни на камените дивани, а доколку има и жени, тие ќе морале да седат на стол. Овде се споменува и вино Пассум, го спремив и него во домашната кујна токму заради овој рецепт, па дојдов до заклучок дека е бело десертно вино, а зависно од регијата во која се приготвувало ова предјадење се користело и црвено вино. Така ја разбрав оваа приказна - така ја пренесувам, ако има исправка, - нека повели некој да надополни. А сега, еве ја подготовката - Измиените кајсии исчистете ги од семките, залијте со водата, додадете ги ливчињата од ментата, ставете ги двете врсти на вино, малку оцет и околу 2 лажици масло Ставете на многу тивко нека вари околу 20 мин. Растворете го нишестето (зависно од кајсиите колку додатно го разредиле сосот) додадете кај кајсиите, нека прокрчка околу 1-2 мин. и тргнете од огнот. Сервирајте и посипете со бибер кој од мелница ќе го смелите. Ова заради ароматот. Тоа е драги мои, лесно за подготовка. Како што кажав, го користев како прилог со динстатно свинско месо, ценам дека може да биде во комбинација и со друг вид на месо, само печено - динстано, но не и варено. Десертното вино - Passum - На 750 мл. суво бело вино ставив 100 гр. бело суво грозје, го ставив на темно, но ладно место да одлежи 4-5 дена, потоа го прецедив половина, а со другата половина си правам експерименти, станува пенушаво веќе, го чувам во фрижидерот. Вкусно е, има убав вкус а сега веќе мислам дека ќе стане и пенушаво. Како за проба, спремив од 1/2 кгр. кајсии, но не остана.. се изеде.