Пурпурен сутлијаш колач (со слатка павлака и аронија)
Состојки
- 450 мл млеко
- 70 гр ориз Сончева долина
- 5 лажици шеќер
- 1 ванилин шеќер
- прстофат сол
- 200 мл слатка павлака
- шеќер во прав (по потреба)
- 15 гр желатин
- 50 гр свежа аронија
- неколку бисквити
- За прелив
- 100 гр аронија
- 3 лажици шеќер
- 50 гр бело чоколадо
- 30 мл слатка павлака
- 1 лажица сок од лимон
Подготовка
Ова е една интересна варијанта на сутлијаш колач кој има особено интересен вкус, а мислам дека на љубителите на сутлијаш баш ќе им се допадне и ќе го засакаат. Може да се направи и со друго овошје, на пример јагоди, боровинки или малини. Подготовка 1. Го ставаме оризот да се вари во млекото, заедно со солта и шеќерите. Ќе му треба околу половина час, а затоа повремено промешувајте и варете го на пониска температура. Откако оризот ќе омекне тргнете го на страна и почекајте малку да излади и го впие остатокот од млекото(ако има). 2. Желатинот го растопуваме во околу 50 мл вода. 3. Го додаваме кон топлиот ориз да се растопи. Енергично промешуваме да се соедини. Оставаме да се излади (ама не сосема, за да не се желира). 4. Слатката павлака ја матиме со миксер, ако има потреба додадете шеќер во прав во неа, се разбира ако сакате посладок колач. 5. Соединете ја павлаката со варениот сутлијаш. Дел од смесата истурете ја во правоаголен калап, па ставете аронија, дел ориз, дел аронија за да се распореди овошјето убаво. Измазнете ја смесата за да нема воздух во неа. 6. Наредете ги бисквитите и убаво втиснете ги во смесата. Ставете го колачот во ладилник или замрзнувач. Додека се зацврстува можете да го подготвите преливот за да може и тој да се излади. 7. Шеќерот, аронијата и 1 лажица вода ставете ги во тенџере да се растопи и малку поврие шеќерот. При крај на варењето додадете 1 лажичка сок од лимон. Потоа додадете слатка павлака и бело чоколадо да се соединат со варената аронија. 8. Превртете го колачот од калапот. Прелијте го со пурпурниот прелив од аронија. Забелешка Кога го подготвуваме преливот аронијата ја извадив од замрзнувач и не ја варев долго време за да ми останат цели зрната. Е сега да ви кажам дека многу брзав за да го фотнам овој сутлијаш колач па не дочекав баш да ми се стегне преливот иако беше скоро изладен. Секако беше вкусно. Ако го држите во замрзнувач извадете го барем 20 минути пред служење. Бидејќи беше смрзнат ама и во силиконски калап јас многу лесно го извадив од калап. Ако имате поинаков калап најдобро е да си ставите најлонска фолија пред да го редите колачот.