Празнична веган торта
Состојки
- За основа
- 1 чаша лешници
- 5-6 урми
- 1/2 чаша какао во прав
- 1-2 лажици агаве/мед
- 1/4 чаша стопен какао путер
- прстофат хималајска сол
- За бел фил
- 2 чаши индиски ореви (откиснати 3-4 часа)
- 1/2 чаша кокосов путер растопен
- 1/2 чаша агаве/мед
- 2 лажички ванила екстракт
- 2 лажици ленено масло
- 1/2 лажичка ѓумбир во прав
- може и некоја лажица вода, иако јас не ставив
- За чоколадниот фил
- 1/4 чаша какао во прав
- 2 лажички рогач во прав
- 1 лажичка цимет во прав
- За карамел крем
- 1/2 чаша таан
- 1/2 чаша агаве/мед
- 1/4 чаша кокосов путер растопен
- 1 лажичка ванила екстракт
- прстофат хималајска сол
Подготовка
Денес мене ми е празник, го објавувам мојот 500-ти рецепт, па од таму и името на оваа прекрасна торта.
Оваа веган, сурова и посна торта решив да ја споделам како јубилејна, од причина што многу од веќе објавените рецепти, како готвач на оваа прекрасна страна ми се посни. Па еве нека еден јубилеен рецепт биде посен, како мој заштитен знак, а се надевам ќе се најде на трпезите на многу посетители на оваа наша страна кои се одлучиле за поздрав начин на исхрана. Тортата е без брашно и шеќер, не се пече, а за подготовка ќе ви треба само блендер.
Голема благодарност до сите готвачи, кои постојано инспирирате со вашите рецепти, до Мои Рецепти кои постојано мотивирате за да бидеме поуспешни и несекојдневни во рецептите кои ги поставуваме овде, на посетителите кои ја посетуваат оваа страна и ни помагаат да бидеме подобри готвачи со своето учество во испробувањето и сугестиите во врска со нашите поставени рецепти!
Најмногу од се ви благодарам за преубавата дружба и за прекрасните
пријателствата кои станаа секојдневен дел од нашиот живот!!!
Подготовка
1. За основата ставете ги сите состојки во сечко или блендер и соединете ја смесата. Расплескајте во соодветен калап и ставете ја да се лади и стегне во фрижидер.
2. За филот ги блендираме индиските ореви со сите останати состојки во блендер или Нутрибулет. Мазната смеса ја делиме на два дела и во едниот ги додаваме какаото, циметот и рогачот, односно состојките пишани за чоколаден фил. Овој чоколаден фил го распоредуваме на основата и сега за да ни се стегне побрзо ја ставаме во замрзнувач.
3. За тоа време го подготвуваме карамел кремот. Ги соединуваме таанот, засладувачот (мед или агаве), кокосовиот путер (растопен), ставаме ванила и малку сол за истакнување на вкусот. Овој дел може да измати со миксер или пак во блендер, ама доста е густа смесата.
4. Откако ќе се стегне убаво чоколадниот фил врз него го редиме белиот фил (половината што остана) и на крај украсуваме со карамел кремот.
5. Карамел кремот го ставаме во шприц и ја декорираме тортата со него, па украсуваме со гоџи бобинки, сечкани лешници, растопен кокосов путер измешан со какао и сл.
Забелешка
Чашата е 250 мл или 1 Cup. Топењето на путерите го правиме на многу ниска температура.
Тортава многу им се допадна на сите што ја пробаа, а домашните ја нарекоа слатко бајадерче. Имајте пријатно и корисно засладување!!!