Испечати

Лиснати погачки со компир

Лиснати погачки со компир

Состојки

  • 300 гр. компир
  • 2 јајца
  • 1 лажичка сол
  • 250 гр. путер, маргарин, маслац
  • 500 гр. брашно
  • 20 гр. квасец свеж или 7 гр. сув
  • 50 мл. масло
  • 50 мл. млеко

Подготовка

Погачките по рецепт од бабата на драгата Смики Стеф. Таа напиша дека се погачки кои враќаат во детството, значи се и времепловка. Доколку ги спремате и вие ќе се уверите дека вистина е така. Смики Стеф благодарам за овој подарок, рецепт кој ме воодушеви.
 
- Квасецот растворете го во млекото и оставете околу 10 мин. да стаса.
- Компирот излупете го, исецкајте на помали коцки, сварете го во лесно посолена вода. Сварен процедете го, пасирајте го исто како кога спремате пире,посолете го и оставете да се малку олади.
- На веќе млакото пире додадете ги со вилушка сматените јајца, добро измешајте, додадете го наредан маргаринот, маслото и стасаниот квасец. Полека додавајте од брашното и замесете тестото. Замотајте тестото во најлон фолија или кеса или некој сад кој добро се затвара, оставете во фрижидер да преноќи.
- Наутро извадете го тестото, расукајте правоаголна кора, не многу тенка, преклопете ја исто како што се преклопува за лиснато тесто, расукајте, пак преклопете и пак расукајте - повторете ја постапката неколку пати (од тоа зависи колку ќе биде тестото разлистано).
- Последниот пат кога ќе ја расукате кората треба да биде во дебелина колку прст, со чаша вадете погачки, редете во плех обложен со хартија за печење и печете околу 30 мин, во претходно загреана рерна на 200 степени.
И вие ќе и бидете благодарни на Смики, одлични, за тоа додека се топли не сакам да зборувам колку се вкусни, сакам да кажам дека и оладени, и нареден ден и понареден ден... (ако останат) се меки, вкусни.
Уживајте.
Напомена
- Јас еден дел од тестото извадив со чаша за да ги добијам оригинал формите како што е по рецептот, но за да не ми оди фира тесто... со остар нож продолжив да ги сечам на квадрати. Додека го преклопував тестото при сукањето кората, си помислив за момент да го изменам малку рецептот, но тоа ќе е следен пат, онака да проверам дали ќе биди ако на расуканата кора поросам ситно рендано сирење или урда, да преклопам тестото, пак да расукам и пак да ставам сирење... зависно колку пати тестото ќе го преклопува... па да видам што ќе биде... ова како идеја го пишувам, не знам како ќе испадне....ама мора да биде, и ќе биде ми се чини...