Карневалски фритули
Состојки
- 250 гр. брашно
- 50 гр. скробно брашно (густин)
- 5 гр. пециво
- прстовет сол
- 75 гр. шеќер
- рендана кора од 1 лимон
- 30 гр. путер
- 2 жолчки
- 45 мл. млеко
- 25 мл. рум
- 140 гр. сирни намаз или урда
Подготовка
Ги забележав на блогот на Јулија, ме привлече дека ги нарекува карневалски. Сум правела разни фритули или како што знаеме ние да си кажеме - крофнички за разни поводи. Нека го овде и нејзиниот рецепт кој е адаптиран од рецептот на блогерката Габила. Разликата е само во тоа што Јулија ставила крем сирење, а Габила користела урда, Јулија ставила скробно брашно - густин, а Габила ставила брашно од компир. Јас правев и во двете варијанти, вкусни и тие со крем сирење и тие со урдата. Вие одберете... Јулија, благодарам!
- Измешајте ги во садот во кој ќе месите двата вида на брашно, пецивото, солта.
- Во друг сад ставете ги шеќерот и жолчките, со вилушка изматете, додадете ренданата кора од лимонот, румот, млекото, крем сирењето (урдата) и путерот кој е со собна температура. Измешајте повторно со вилушка. Добиената смеса ставете кај сувата и со миксер или на рака замесете тесто. Домесете го на побрашнета површина која количина на брашно не надминува 1 лажица.
- Замотајте во најлон фолија, оставете да одлежи во фрижидер најмалку 2 часа или оставете преку ноќ.
- Правете мали топчиња и пржете во длабоко масло.
НАПОМЕНА
Пржете во помал сад и да собира во него најмногу 5 фритули, ( поекономично е во мал сад) Температурата не треба да е многу јака, 175 степени е идеалната температура на маслото во кое ќе се пржат. Тие сами ќе се превртуваат кога се пржат. Некои ќе бидат со убава форма, некои ќе испукаат. На крајот јас добив и некои видови од животинското царство... вината е моја - многу замесив.