Потпечен зачинет леб
Состојки
- 1 леб
- 100 мл маслиново масло (или по потреба)
- 1 лажица песто сос
- 1 главица лук
- 1 лажичка морска сол
- по желба свеж магдонос
- по желба оригано
Подготовка
Кај нас дома многу често останува леб за наредниот ден, а другиот ден никој не го јаде. Па така на интернет најдов многу убав начин за да се искористи и да не се фрла и го правев во неколку различни варијанти, со различни состојки ама ова е дефинитивно мој фаворит.
1. Лебот се сече на парчиња (но не целосно). Долниот дел треба да остане целосен.
2. Во толчник се става маслиново масло, песто сос, сол, лук (исечен на парчиња), дел од магдоносот и прстофат оригано. Се заедно се толчи кратко време колку да се спојат состојките и лукот да ослободи дел од вкусот (но не да биде целосно истолчен).
3. Од така подготвената смеса се става по една лажица помеѓу секое парче леб и убаво се распоредува.
4. На крај лебот се прска со малку маслиново масло и се поросува со сол, оригано и ситно сецкан магдонос.
5. Се зема поголемо парче хартија за печење и истото се витка (како топка) и се потопува во вода. Со рака се притиска хартијата за да се исцеди вишокот вода а потоа хартијата се распространува и со неа се завиткува лебот.
6. Се става во тава за печење и се пече 25-35 минути (во зависност од тоа колку крцкави сакате да бидат парчињата леб) на 220 степени.
* Вака подготвениот леб одлично оди со пилешка или рибна чорба.