Растурена сарма во тава
Состојки
- 1 главица (средно голема) сторена зелка
- 500 гр. мелено месо
- 1 главица кромид
- 1 лажица мешан сув зачин
- 1/4 лажичка црн пипер
- 2 лажици црвен пипер
- 100 гр. ориз
- расолница по потреба, масло
Подготовка
Еве еден ручек кој можете да го направите како варијанта кога киселата зелка ви е малку подомекната и од листовите не може да се свитка класична сарма.
1. Кромидот се сечка ситно и се пржи заедно со меленото месо. Се додава мешаниот сув зачин, црниот пипер, оризот и се пржи да подиспари водата која ќе ја испушти месото. На крај се става црвениот пипер пржејќи кратко и се тура во земјената тава.
2. Сторената зелка се сечи на крупно, се запржува малку, се става во тавата и се измешува со месото. Се дотура расолница да се покрие зајрето и се става во рерна. Ако се готви во земјена тава, рерната се пушта тогаш на најсилно и кога ќе загрее се намалува на 200 степени. Се пече 1 - 1,5 часа со промешување по потреба за да не се залепи оризот.
Ако се готви во метална тава, по подготовката веднаш се става во загреана рерна.