Испечати

Еклер колач (без печење)

Еклер колач (без печење)

Состојки

  • 360гр. спекуланс кекси
  • 2 лажици стопен путер
  • Ванила крем
  • 5 жолчки
  • 500мл. млеко
  • 125гр. шеќер
  • 1 лимон шеќер
  • 25гр. брашно ( 3 полни лажици)
  • 25гр. густин ( 3 полни лажици)
  • 1 лажичка маслен ванила екстракт
  • прстофат сол
  • 100гр. путер
  • 150мл. слатка павлака
  • Чоколадна глазура
  • 100гр. темно чоколадо
  • 100мл. слатка павлака

Подготовка

Рецептов го видов на интернет, на страната на Марта Стјуарт и одма ми фати око, па еве го во малку изменета верзија и од мене.
Користена е малата ростер тава на Делимано, може да користите и мал калап со прстен (18-20см би било идеално) или било каков помал калап што го имате дома.

1. Прво се подготвува кремот, за да може да се излади. Ова ви е класичен ванила крем од жолчки, како за еклери со тоа што има плус слатка павлака.
Дел од млекото се става на оган да се загрее. Во жолчките се додаваат шеќерите и се меша да се добие бледо жолта боја. Се просејуваат брашното, густинот и солта, повторно убаво се меша и се додава остатокот од млекото.
Млекото на оган тргнете го пред да зоврие и постепено додавајте го во садот со жолчките и мешајте. Потоа вратете ја целата смеса на оган, на тивко и постојано мешајте додека не се добие убав густ крем. Тргнете од оган, додадете го путерот и ванилата, промешајте и покријте со најлон фолија за да не фати кора.
Кога ќе биде убаво изладен кремот, додадете ја слатката павлака претходно изматена во цврст снег.

2. Кексите поминете ги во процесор, но да има и покрупни парчиња. Поделете ги на 3 еднакви дела. Во едниот дел додадете ги двете лажици стопен путер и убаво промешајте. Калапот обложете го со хартија за печење (да биде повисоко за полесно вадење на цел колач).
Прво ставете ги кексите со путерот, малку истапкајте со рака, додадете половина од кремот, па повторно кекси, па кремот и завршувате со кекси од горе.

3. Слатката павлака ставете ја да се загрее, а чоколадото искршете го на парчиња. Пред да зоврие павлаката, тргнете ја од оган, полијте го чоколадото и промешајте убаво додека чоколадото не се растопи и смесата не се спои. Прелијте врз колачот и убаво и внимателно со шпатула израмнете.
Ставете во фрижидер да се стегне и да се спојат вкусовите, па послужете.

Пријатен апетит =)

* Спекуланс кексите даваат убав вкус и шмек, но може да користите било кои други кекси или колачиња.
* Со колачов треба да бидете повнимателни кога го послужувате, заради ронливата структура. Ама домаќинки сме, ќе се снајдеме =)