Антониа торта
Состојки
- Тесто
- 200гр, путер (омекнат)
- 250гр. шеќер
- 3 јајца
- 200гр. брашно
- 100гр. сецкани ореви (поситно сецкани)
- 2 лажички пециво
- 240мл. млеко
- 1 лажичка сода
- 2 лажици балсамико
- 2 пакетчиња ванилин шеќер
- 2 пакетчиња лимон шеќер
- 1/2 лажичка црвена прехрамбена боја
- прстофат сол
- Чоколаден карамел крем
- 125гр. шеќер
- 600мл. млеко
- 70гр. брашно
- прстофат сол
- 150гр. путер
- 100 гр. темно чоколадо
- 300гр. сецкани ореви
- Карамелизирани ореви
- 1 шолја шеќер (од 200мл.)
- 1/2 шолја вода
- 2 шолји цели ореви (убави крупни јатки)
- За декорирање
- 500мл. слатка павлака
- по потреба шеќерни срца
Подготовка
Со мама Кате заедно правевме торта за една мала принцеза, моја слатка најплавуша внука од 5 месеци, која славеше именден. Па соодветно и тортата е со нејзиното име.
По желба на мама Кате да биде нешто црвено, со ореви, карамел и чоколадо .. го скоцкавме и овој рецепт.
1. За тестото во длабок сад пенесто изматете го путерот со шеќерите. Потоа едно по едно додадете ги јајцата и матете додека се добие убава изедначена смеса. Во сад на страна просејте го брашното, солта и пецивото. Во млекото додадете ја бојата и промешајте за убаво да се раствори. Наизменично додавајте од млекото и од сувите состојки во садот за матење додека се добие смеса без грутки. Додадете ги оревите и промешајте со шпатула. Во садот каде ви е содата додадете ги двете лажици балсамико (ќе почне да пени), промешајте и додадете во садот за матење. Смесата поделете ја на 2 еднакви дела и печете во калап 24см, обложен со хартија. Претходно загреана рерна на 220С, кога ќе ставите да се пече се намалува на 200С. Печете 23-25мин, без вентилатор. Доколку има потреба покријте со алу фолија да не загори. Проверете со чепкалка дали е готова.
Може да печете и наеднаш па да поделите на 2 дела, но мене вака ми е најлесно.
Кога се готови тестата оставете ги да се изладат комплетно.
2. За карамелизираните ореви, во сад на оган ставете ги шеќерот и водата. Оставете да се стопи шеќерот, намалете на средно тивка температура и додадете ги оревите. Промешајте убаво да ги опфати сирупот и покријте го садот со капак. Повремено проверувајте ги, промешувајте .. треба да добиете густ, леплив карамел сируп. Кога се готови оревите извадете ги внимателно на алу фолија подмачкана со масло или силиконска подлога да се изладат. И не ги јадете, ви требаат за тортата =)))
3. Филот почнувате да го подготвувате кога тестата се скоро изладени.
Во сад на оган ставете го шеќерот и оставете да карамелизира, без мешање .. повремено протресувајте го садот. Во друг подлабок сад промешајте го брашното со дел од млекото. Кога карамелот е готов, ставете го прво млекото внимателно и оставете да се стопи карамелот. Кога ќе проврие, додадете го млекото со брашното и мешајте да се добие густ крем-пудинг. Потоа тргнете од оган, додадете ги путерот и чоколадото искшено на коцки и мешајте да се растопат. На крај додадете ги оревите. Оставете сосем малку да се излади (10-15мин.)
4. Пожелно е да имате калап со прстен за полесно филување со оглед дека филот е топол. Го користиме само прстенот. Ставете го на чинија во која сакате да ви биде тортата. Ставете го едното тесто па премачкајте со половина од филот. Карамелизираните ореви поделете ги на два дела. Сосем малку исецкајте ги ако се многу крупни па распределето врз филот. Потоа другото тесто, остатокот од филот и остатокот од оревите. Ставете ја тортата на ладно, да се излади и стегне.
5. Внимателно извадете го прстенот и декорирајте по желба, Ние користевме слатка павлака и шеќерни срца.
Пријатен апетит =)
*Прехрамбената боја не е од кај нас, е појака и затоа се употребува мала количина. Доколку користите од боите кои ги има кај нас, за оваа количина тесто би биле потребни 2 пакетчиња црвена боја во прав.