Лешник торта
Состојки
- Темен дел
- 80 гр мек путер
- 80 гр шеќер во прав
- 3 јајца
- 80 гр стопено црно чоколадо
- 80 гр мелени лешници
- 80 гр брашно
- 1 ванила
- Бел дел
- 2 белки
- 100 гр шеќер
- 1 ванила
- 1 лажица нишесте
- 100 гр цели попечени лешници
- Нугат крем
- 150 гр нугат
- 400 мл слатка павлака
- 40 гр шеќер во прав
- 10 гр желатин
- Карамел крем
- 400 гр крем сирење
- 400 гр карамелизирано слатко кондензирано млеко
- 10 гр желатин
- Глазура
- 150 мл слатка павлака
- 100 гр чоколадо
Подготовка
Како што е редот на оваа наша омилена страна, за 200 рецепт ве частам со торта. Торта, како што може да се види и од моите рецепти, ретко правам, скоро никогаш откако ми пораснаа децата, ама оваа прилика не сакав да ја пропуштам. Го видов рецептот по интернетот и со неа сакам да ви се заблагодарам на сите, на тимот на Мои рецепти и вам кои секојдневно ја збогатувате страницава, за пријатните моменти кои ги поминуваме овде.
За темниот кекс, изматете го путерот и шеќерот, додајте ги јајцата едно по едно, чоколадото, ванилата, брашното и лешниците. Од оваа смеса јас испеков два посебни кекса, а вие ако сте вешти во сечењето, испечете еден па пресечете го по пола. Тепсијата е 22 со обрач.
За белиот дел, изматете ги белките со шеќерот и ванилата, па ставете го нишестето, измешајте и на крајот додајте ги целите лешници. Овој дел се суши на ниска температура, на 120 степени околу саат, саат и половина.
Нугат крем
Желатинот најпрво со малку водичка набубрете го. Слатката павлака вжештете ја и прелијте ја преку нугатот, додајте го шеќерот, измешајте убаво и ставете го стоплениот желатин. Убаво измешајте, да се соедини целата смеса.
Карамел крем
Исто и овде прво набубрете го желатинот. Крем сирењето изматете го со млекото и додајте го стоплениот желатин. Убаво изматете.
За глазурата, вжештете ја павлаката, прелијте ја преку искршеното чоколадо и кога ќе се излади изматете ја малку со миксер. Со неа филовајте ја одозгора тортата а украсете ја по желба.
Се редат
1. Темен кекс, нугат крем, карамел крем, кексот со белки, карамел крем, нугат крем и завршува со темниот кекс.
На здравје!