Испечати

Венец пецива - Украсни благи кифлички

Венец пецива - Украсни благи кифлички

Состојки

  • 500 гр брашно
  • 230 мл млеко
  • 2 лажички шеќер
  • 1/2 лажичка сол
  • 1/2 сув квасец
  • 50 мл масло
  • 100 гр стопен путер за премачкување
  • За фил
  • 80 гр афион
  • 80 гр шеќер
  • За премачкување
  • 1 жолчка
  • малку масло

Подготовка

Вкусни, слатки и декоративни пецива кои треба да се најдат некој пат на секоја трпеза, а особено кај обожавателите на афион, како што сме ние. Одлично одат со чаша млеко или чај. Уживајте!

Подготовка
1. Квасецот заедно со шеќерот и лажица брашно промешајте ги во млакото млеко. Оставете го да нарасне, да се активира квасецот. Во брашното додадете ги солта и маслото. Со млекото замесете тесто, па удирајте го од работната маса едно 50 пати и оставете го да стаса.
2. Откако ќе стаса поделете го на топчиња и секое топче расукајте го во круг или правоаголник, како ви е полесно. Го премачкувате со стопениот путер, наросувате обилно афион и шеќер, па го виткате во ролат. Го засекувате ролатот од двете страни, секое засечено парче го увртувате двапати накај надворешната страна, па ги спојувате во долниот дел.
3. Откако сите ќе ги направите ја вклучувате рерната на 200 степени, додека да се загрее ги стасувате, а може и временски, околу 25-30 мин. што зависи од собната температура. Ги премачкувате со жолчка и ги печете до поруменување.
4. Откако ќе се испечат премачкајте ги додека се топли со малку масло со помош на силиконска четка.

Забелешка
Јас првата тура бидејќи некако не ми се чекаше многу да стасаат, ги печев сосема малку стасани, втората тура ја печев со таман стасани , ама и малку поголеми форми правев, при што вкусот е идентичен, само вторите се малку повоздушести, како и да е ги снема за час.
Ако сакате ставете и повеќе афион или повеќе шеќер, на нас вака ни беа многу вкусни.