Испечати

Василичарски реден мазник-пита

Василичарски реден мазник-пита

Состојки

  • За тесто
  • 1,3кг. просеано брашно (плус брашно за посоп при сучењето)
  • 2 лажичиња сол
  • по потреба млака вода
  • За фил
  • 1 страк праз
  • 800-1000г. мешано мелено месо
  • по потреба зачини (сол, мешан сув зеленчук, мелен црн пиер)
  • 1 мало кафено финџалче млеко
  • Потребно е уште
  • 400-500мл. врела вода
  • по потреба масло

Подготовка

Дилема-паричка се става во бадниковото лебче за Бадник или во василичарскиот мазник за Св. Василиј?
Уште една дилема-мазникот вртен или реден кој наликува на пита? ))))

Во крајот од каде потекнува мојот сопруг се прави токму ваков реден мазник, така го вика свекрва ми, кој ќе ви го презентирам сега по нејзин рецепт.Нејзините мерки се од око, јас се потрудив да ги прецизирам.Многу е вкусен, убав.Се прави и со пржена сторена зелка, кој мене лично ми е поубав.)))

Од брашното, солта и водата се замесува средно тесто,како за зелник.
Се дели на 16 дела.Од секој дел се обликова топче кое се става на наросена подлога со брашно.Сите топчиња се премачкуваат со масло. По извесно време додека ги работиме, повторно ги премачкуваме за да не ни фатат коричка.

Од секое топче отвораме кора колку што ни е голема тепсијата.Во случајов таа е со пречник од 36цм.. (Кората малку поголема, бидејќи во подпекувањето малку ќе се собери.

Ја ставаме да се пече на рингла.Треба целосно да е по малку подпечена од двете страни.Тоа идеално се прави на шпорет на дрва, но може и на електрично, само малку помачно...)))
Така подпечените кори се виткаат во чаршаф.Корите можат да направат и од претходниот ден пред да се печи мазникот., и стојат така завиткани во чаршаф.

Го спремаме филот.
На плитка мрснотија се пропржува ситно сецканиот праз.Се додава меленото месо, убаво се раздробува со вилушка и се пржи додека промени боја.Се зачинува со зачини по желба и вкус.На крај се додава млекцето и кратко се динста.Оставаме да подизлади.

Сега ги редиме корите во тепсијата, која сме ја намрсиле со масло.
Ставаме една кора, ја попрскуваме со врелата вода- убаво низ цела површина, па ја попрскуваме со масло и на крај со филот.
Така со сите 15- ет кори, при што на последната не се става фил, само вода и масло.16-та кора се става како заштита од горење, одкако ќе добие боја мазникот.Нашите баби немале алу-фолија.)))

Го сечеме мазникот на колку парчиња што сакаме и да додадам измеѓу во редењето на корите се става и паричката која убаво сме ја измиле и завиткале во фолија.

Го печеме во загреана рерна (5 мин. на 200) за време од околу 45 мин. на 200 степени.Времето можи ви се гледа многу, но не е, тоа е заради водата која ја прскаме.При добро испечениот мазник корите треба да се делат една од друга.

Го попрскуваме со вода и задушуваме.

Сервираме топло и да видиме кој ќе е среќникот годинава!!!
За многу години празникот!