Празнична торта (посно)
Состојки
- за теста
- 250 гр. брашно
- 100 гр. шеќер
- 100 гр. мелени ореви
- 1 кесичка (12 гр.) пециво
- 50 мл. масло
- 250 мл. минерална (газирана) вода
- за бел фил
- 500 мл. орозово млеко
- 6 големи лажици шеќер
- 2 кесички (80 гр.) пудинг од ванила
- 100 гр. маргарин
- 100 гр. шеќер во прав
- 1 кесичка (10 гр. ) ванилин шеќер
- 50 гр. мелени ореви
- за кафен фил
- 300 гр. шеќер
- малку (40-50 мл.) вода
- 100 гр. чоколадо со поголем процент на какао
- 100 гр. мелени посни бисквити
- 100 гр. мелени ореви
Подготовка
Повозрасни, помудри и поискусни за уште една година. Нека Новава година ни донесе пред се здравје, повеќе слободно време за да уживаме во кујна, повеќе кулинарски волшебства и подлабоки пријателства меѓу нас. Среќата нека Ве прати сите вас мои драги пријателки, тимот на МоиРецепти и сите оние кои не следат секојдневно. Како што доликува (зошто е време на пости), изборот на нашата новогодишна торта е оваа. Подготвката е следна
1. За подготовка на тестата. Во подлабок сад ставете ги сите состојки за тесто и со миксер убаво соединете ја смесата да нема грутчиња. Јас немам пробано да го печам ова тесто во еден дел и потоа да го делам со нож на два дела. Го делам додека е течна смесата на два еднакви дела и поединечно печам две теста. Овој пат печев во округла Делиција тава од 26 см во која нема потреба да ја намрсувате подлогата. Ако печете во друга тава, ставете хартија за печење на дното, за да не ви се залепи тестото. Печете во загреана рерна на 180 степени 20-25 минути.
2. Во меѓувреме подгответе го белиот фил. И во друг рецепт напишав дека обично купувам оризово или соино млеко во прав кое финансиски ми е поисплатливо и кога се пости можам, како такво да му најдам повеќе примени. За овој фил растворете 50 гр. оризово млеко во прав во 500 мл. вода. 300 мл. од така промешаното млеко ставете го во сад на оган да проврие со 6 лажици шеќер. Во останатите 200 мл. растворете ги пудинзите. Сварете густ крем-пудинг и оставете да се излади. Во сад за матење изматете 100 гр. маргарин со 100 гр. шеќер во прав и по желба ванилин шеќер. Во садот додајте го и изладениот пудинг од ванила и 50 гр. мелени ореви и матете додека да добиете хомогена смеса.
3. За кафениот фил. Во сад на оган ставете 300 гр. шеќер и малку вода (колку да го залеете). Оставете да проврие. Во шербетот додајте го чоколадото искршено на коцки. Промешајте и тоа да се растопи и на крај додајте ги мелените посни бисквити и оревите.
4. Следно е филувањето на тортата. Врз чинија за торта ставете го првото тесто. Премачкајте со кафениот фил ( оставете мал дел од филот за подоцна да можете да ги направите украсните бомбици кои стојат врз тортата), врз него премачкајте со половина од белиот фил. Поклопете со второто тесто. Со остатокот од белиот фил премачкајте ја целата торта. Од кафениот фил формирајте ( по желба) мали топчиња и украсете ја тортата. Оставете убаво да се излади и стегне и сечете парчиња со големина по желба.
Забелешка. Ја сакам оваа страна зошто покрај дружбата тука се учат многу нови рецепти, се откриваат мали практични трикови, се практикуваат совети за здрава исхрана.
Епа мила Вале еве заради тебе и твоите совети се потрудив да го сведам маргаринов во оваа богата торта на минимум. Значи можело и вака =)