Брз колач со јогурт (без печење)
Состојки
- 500 мл. јогурт
- 200 гр. шеќер
- 500 гр. бисквити
- 2 банани (сечкани)
- 150 гр. црвено желе
- 50 гр. кокос
- 50 гр. брусница
- 100 гр. бело чоколадо (сечкано)
- 100 гр. лешници или ореви (сечкани)
- црвена прехрамбена боја
- 150 гр. малини
- 1 кесичка прелив за торти (светол)
- црвени шеќерни трошки, шеќерни цветчиња со ливчиња
Подготовка
Многу брз и вкусен десерт кој нуди можности да го креирате според вашиот вкус, а најчесто и според состојките што ги имате во моментот. Битно е да се запази базата на колачот (количината на јогурт, шеќер и бисквити и секако бананите 2 или 3 колку сакате), другото е ваше, баш како што јас го прилагодив да биде со ваков праничен состав и изглед.
Првиот пат кога на гости го пробав, не можев да погодам дека е правен со јогурт, бев навистина изненадена, а и јас не кажав кога го направив прв пат. Битно, домашниве го бендисуваат во секоја варијанта.
1. Во подлабоко вангличе со голема лажица се меша јогуртот со шеќерот кој брзо ќе се стопи, а јас додадов малку црвена прехрамбена боја и добив розев јогурт.
2. Во него се кршат бисквитите и се меша убаво со лажицата.
3. Потоа се додаваат сечканите банани, црвеното желе, кокосот, брусницата, сечканото бело чоколадо, сечканите лешници (или ореви), се меша сето убаво да се изедначи.
4. Дел од оваа смеса со шпатула се распоредува во силиконски куглоф (овој е со пречник од 18 см.).
5. Во останатиот дел од смесата се ставаат малините (одмрзнати), кои по мешањето на смесата ќе и дадат потемна црвена боја, но и прекрасен вкус. Јас и овде ставив малку црвена боја. Со смесата се дополнува калапот за куглоф.
6. Се става во ладилник да се стегне некое време, односно онолку време колку да може да се извади од калапот и да се сочува формата. Колачот се става во фрижидер за да не биде во замрзната состојба, бидејќи може да пушти вода откако ќе го ставите преливот за торти.
7. Половина час пред служење колачот се полева со светол прелив за торти кој се подготвува онака како што е напишано во упатството. Врз него се поросуваат шеќерните црвени трошки и другите украси. Се служи ладна.
Напомена
Колачот може да го направите во друга форма, тогаш нема потреба од подмрзнување, се остава да се лади 2-3 часа во обичен фрижидер. Јас најчесто го расплескувам во правоаголна форма, одозгора ставам шлаг пена и кога ќе излади го сечам на коцки. Најчесто колачот го подготвувам на вечер и другиот ден си имам готов колач. Бисквитите со самото ладење убаво го впиваат јогуртот и сите состојки што сме ги ставиле го даваат конечниот вкус.
Колачот е лесен за јадење и со неодолив свежо-киселкаст вкус.
Пробајте!