Божиќно трупче со костени
Состојки
- Бисквит
- 5 јајца
- 150 гр шеќер
- 50 гр путер
- 100 гр брашно
- 50 гр нишесте
- Крем
- 300 мл млеко
- 3 лажици нишесте
- 3 лажици шеќер
- 1 лажица алкохолен пијалок по избор
- 250 гр путер
- 200 гр крем од костени
- Сируп
- 100 гр шеќер
- 50 мл вода
- 1 лажица алкохолелн пијалок
- Глазура
- 150 гр темно чоколадо
Подготовка
Божиќното трупче е француски колач кој традиционално се служи како десерт за Божиќ. Во Франција, за време на празникот, било обичај во огништето да се гори голем трупец, кој чин симболизирал обезбедување плодна година. Како што големите камини исчезнувале, така традицијата се изменила. Вистинските стебла ги заменило слаткото трупче, кое прерасна во традиционална божиќна торта. Постојат повеќе варијанти на традиционалниот рецепт, јас овој пат ја направив со крем од костени.
1. За подготовка на бисквитот се матат засебно белките и жолчките со шеќерот, путерот и сувите состојки, па се соединуваат. Се печи во плех обложен со хартија, во загреана рерна 8-10 мин. на 180 степени.
2. Испечениот паднишпан се става на навлажнета кујнска крпа и се витка во ролат.
3. Се вари крем од млекото, нишестето и шеќерот. Претходно сварените и исчистени костени се пасираат и се додаваат во изматениот путер. Откако е изладен пудингот, се соединува. Се додава и 1 лажица алкохол по желба (рум, коњак, виски)
4. За сирупот потребно е водата да зоврие 5 мин. со шеќерот. Откако ќе излади, се додава малку алкохол и со четка се нанесува на бисквитот. Се нанесува и филот и се витка во ролат. Се остава малку од филот да се премачка благо површината. По желба може да се отсечи еден дел или два и да се формира разгрането дрвце или пак може едноставно да си остане во првобитната форма. Се сечи дијагонално и се прилепува со филот.
5. Растопеното чоколадо се нанесува рамномерно на површината на ролатот. Со вилушка се прават црти по целата должина. Се става во фрижидер да отстои околу 12 часа.