Црвени елкички
Состојки
- *колач
- 100 гр. бело чоколадо
- 100 гр. путер
- 4 јајца
- 150 гр. шеќер
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 60 гр. брашно
- 40 гр. прашок за пудинг со вкус на јагода
- 1 пециво
- 1/2 лажичка какао
- црвена прехрамбена боја
- * фил
- 500 мл. млеко
- 200 гр. шеќер
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 7 лажици густин
- 250 гр. путер
- *декорација
- шеќерни шарени украси-ѕвездички и зелени перли
Подготовка
Вкусни и декоративни елкички кои веднаш им паѓаат в очи на децата, ама и уживаат додека ги јадат. Аромата на прашокот за пудинг од јагода им дава убав вкус на елкичките, лесни се за подготовка и интересни како идеја за празниците кои следат.
1. Белото чоколадо се топи на пареа, се трга настрана, се додава путерот да се стопи со мешање и се остава да се подизлади.
2. Брашното и пецивото се просејуваат, се мешаат со прашокот за пудинг.
3. Јајцата се матат пенасто со обичниот и ванилиниот шеќер, се додава млаката смеса од путер и бело чоколадо и се мати. Потоа се додаваат сувите состојки,
па какаото и кога ќе се изедначи смесата се тура црвената прехрамбена боја додека се добие саканата нијанса.
4. Црвената смеса се тура во правоаголно плехче обложено со хартија за печење (јас користев со димензии 21 х 32 см.), се пече во загреана рерна на 180 степени околу 30 минути. Во текот на печењето кога ќе се крене тестото, со чепкалка се боцка на неколку места, но тоа да биде брзо.
5. Дел од млекото се одделува за да се раствори густинот, а остатокот заедно со шеќерот се вари. Штом ќе зоврие се трга настрана, постепено се тура густинот, се меша до згуснување. Сосем изладен сварениот густин со миксер се мати со путерот (стоен на собна температура).
6. На изладениот колач му се отсекуваат краевите, се премачкува со филот и се сечат ленти. Пред да се сечат триаголниците со вилушка се поминува низ филот и се прават бранови. Од лентите се сечат рамнокраки триаголници кои ќе личат на елки. Се декорира со ѕвездички во боја, бисерчиња или по желба.
Ова е една идеја, која во други прилики може да се направи и со други вкусови на пудинг или црно чоколадо. Стопената смеса од путер и бело чоколадо во тестото, му дава погуста, несунѓереста текстура на колачот. Она што успеав да го засолнам до наредниот ден (само 2 елкички), беше уште поровко и сочно.