Солен мазник со тиква (посно)
Состојки
- Тесто
- 450 мл млака вода
- 1,5 лажиче сол
- прстофат шеќер
- многу малку (ќоше од коцка) квасец
- околу 750 - 800гр брашно
- Фил
- 1 кг исчистена од кора и семки тиква
- 1 мало главица кромид
- 2 лажички или по вкус сол
- по вкус црн пипер
- по потреба масло за прскање на корите
Подготовка
Посно ама вкусно мазниче погодено за во постиве.
Најпрво подгответе го филот.
Тиквата и кромидот изрендајте ги, додајте ја солта и биберот по вкус, измешајте ги и ставете ги во цедалка малку да се цеди водата што ја пушта тиквата.
Подгответе го тестото.
Во сад за месење ставете ја водата, солта, шеќерот, квасецот и со постепено додавање на брашното убаво измесите средно, изедначено, мазно тесто.
Тестото поделете го на 12-13 топчиња и оставете ги во намачкано со масло плехче. Со масло малку намачкајте ги и одозгора да не се сушат. Покриени оставете ги да одморат 10-на минути.
Тепсија број 40 намачкајте со масло.
Земите едно топче тесто и на набрашнета површина исучите тенка кора. Попрскајте ја со масло и околу една рака ставете од тиквата по целата кора. Завиткајте ја во ролна, а потоа во полжавче и ставете го во средина од тепсијата.
Продолжите да ги сучите и останатите кори и така завиткани во ролни редете ги околу секоја претходна кора додека сите ги потрошите.
Кога сите кори се наредени, мазникот одозгора испрскајте го со масло.
Рерната вклучете ја да се загрее на 200 степени.
Ставете го да се пече околу 35-40 минути. Потоа покријте го со фолија и крпа малку да олади.