Сутлијаш (класичен)
Состојки
- 1 литар млеко
- 1 литар вода
- 9 лажици шеќер
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 400 гр. ориз
- за посипување: цимет, какао или рогач во прав
Подготовка
Ова е еден основен, а што е најбитно за мене, едноставен начин за подготовка на сутлијаш. Постарите сум ги гледала како прават сутлијаш, ама ниту мерка имаа ниту ништо, се од око па на крај одлично. Искуство е тоа. Јас така не знам, затоа си имам испробан рецепт од старите тетратки, без да промашам.
- Во тенџере (со подебел газер) се тура млекото, водата, шеќерот и ванилиниот шеќер, се загрева да се стопи шеќерот.
- Штом почне да врие течноста, се тура измиениот ориз и се меша повремено намалувајќи го шпоретот и внимавајќи да не претече и да не загори. Штом се згусти веќе е готов.
- Сутлијашот додека е жежок се истура во соодветни садови или чаши и штом излади станува малку погуст, па се посипува со цимет, какао или рогач во прав.
Квалитетот на тенџерето е многу битен за да не загори оризот. Некако мене репер за квалитетни тенџериња ми се оние во кои не ми загорува сутлијашот, ха, ха, ама тоа не значи дека сутлијашот не треба да се меша поинтензивно додека се вари.
Ако сакате сутлијашот да има вкус на цимет, додека се вари ставете стапче од цимет кое ќе го извадите на крајот.
Толку е, на здравје!