Испечати

Мини чоколадни мус торти со чили

Мини чоколадни мус торти со чили

Состојки

  • Состојки за основата
  • 200гр мелени бисквити
  • 80 гр путер растопен
  • 4 големи лажици рум
  • Состојки за МУС кремот
  • 200гр црно чоколадо со 70% какао
  • 50 гр рум
  • 200 гр слатка павлака
  • 2 лажици чоколадно какао
  • 100 гр крем сирење
  • 1/2 лажиче чили или по вкус +/-
  • 1 лажица екстракт од ванила
  • 1 лажица шеќер

Подготовка

Овие мус тортички ги правев по прв пат и морам да кажам дека испаднаа толку убави, толку вкусни и толку не заборавни (хехе)
Искрено сите што ги пробаа се воодушевија, а јас како љубител на мус крем во секакви варијанти останав без зборови. Значи самата текстура на мус кремот е така воздушеста и се топи во уста, а тоа се надополнува со прекрасниот спој на црно чоколадо во комбинација со чилито и румот....Дефинитивно експлозија од вкусови(хехе) Навистина ја испофалив, но оваа мус крема е нешто што морате да го пробате и нема да го заборавите така лесно (хехе)Јас сигурно ќе и најдам уште многу примени и во други рецепти и почесто ќе ја правам, со оглед на тоа дека мојот најголем критичар дома кој најмалку конзумира благо рече „дали има уште од тие убавите тортички многу беа убај„ значи се е кажано баре за мене (хехе)

Најпрво се спојуваат бисквитите, румот и путерот. Смесата се расплескува и со кружен калап -дијаметар 10цм се сечат 4 кругови, потоа се ставаат во фрижидер да стегнат додека се подготвува мус кремот.

За подготовка на мус кремот најпрво се топи чоколадото на пареа или на тивок оган заедно со румот постојано мешајќи додека не се соединат. Потоа се отстранува од оган и се остава да се излади на собна температура повремено мешајќи. 
За тоа време се бијат слатката павлака со крем сирењето, шеќерот, какаото, ванила екстрактот и чилито додека да се убаво соединат.
Потоа со шпатула во три наврати се става од избиената смеса во растопеното чоколадо при тоа внимателно мешајќи од горе према долу додека да се соединат.
Откако мусот е готов се полни во калапи - јас користев полукружни мали садови врз кои прво ставив најлонска фолија за да полесно можам да ги извадам и потоа врз секоја порција мус се става по еден круг од основата и нежно се притиска, се затвора со целофан и се става во замрзнувач да стегне. Потоа лесно се отстрануваат од садот и има се отстранува фолијата и додека се сеуште замрзнати се потураат со чоколадна глазура во два наврати и се оставаат да се исцедат и откако ќе се одмрзнат спремни се за дегустација

Од оваа доза мене ми излегоа 4 мини торти
Доколку сакате можите од целата смеса да направите една целосна мус торта во калап за торти со дијаметар 20, така што врз бисквитната основа веднаш ќе го нанаесете мус кремот и потоа во фрижидер на ладење
Можете и слободно да замрзнете и да имате на готовс за ненајавени гости
Во слики може да се види какво „калапче„ користев за тортите

Уживајте во ова задоволство