Погача за слава (посно)
Состојки
- 400 мл топла вода
- 150 мл масло
- 30 гр свеж квасец
- 2 рамни лажички сол
- 1 рамно лажиче шеќер
- околу 800-900 гр брашно
- По потреба
- топла вода за премачкување
- сусам, семе од афион, ленено семе
Подготовка
За мојата куќна слава Св. Ѓорѓија оваа година е направив оваа погача. За многу години и напомош да ни е празникот, а и сите празници кои се слават!
Подготовка
Квасецот со шеќерот растворете го со малку вода и ставете го садот за месење.
Додајте ја водата, маслото, солта и со постепено додавање на брашното месите додека да добиете средно меко изедначено тесто. Покриено оставете го да одмори на топло 10-15 мин.
Тестото поделете го на три дела.
Еден голем дел за формирање на плетенка за одоколу, втор дел (колку една тупаница) за средина од погачата и трет помал дел (колку една голема мандарина) за формирање на украсите.
Најголемиот дел поделете го на 3 дела и од секој развлечите долги форми толку големи за кога ќе се става плетенката во тавата за печење краевите да се спојат.
Сплетите плетенка и ставете ја околу во тава за печење(бр. 26).
На средина од тавата ставете го вториот дел тесто размесено во топка.
Со третиот најмал дел најпрво направете грозд од 4-3-2-1 топчина и дршка на гроздот(како на сликата).
Потоа со сукалка развлечите мала коричка и со нож исечите правоаголни форми и направете крст за на средината од погачата и еден правоаголник кој на средина со нож малку ке го обележите да изгледа како книга.
Со топла вода премачкајте ја целата погача.
На гроздот посипете семе од афион, на книгата со ленено семе обележите како букви а останатото посипете го со сусам.
Одозгора наредете парченца маргарин.
Погачата оставете ја да скисни околу 20 мин и во меѓувреме загрејте ја рерната да се загрее на 200 степени.
Печете ја околу 30 мин и потоа оставете ја уште 10-на минути во исклучена рерна. На крајот од печењето ставете си и фолија за премногу да не потемни.
Покриена со фолија и крпа оставете ја да олади и смекни.