Макаронс со фил од пикантно чоколадо
Состојки
- 90 гр. белки
- 40 гр. шеќер
- 200 гр. шеќер во прав
- 110 гр. бадемово брашно
- прстофат сол
- малку прехрамбена боја во прав
- Фил
- 100 гр. црно чоколадо со што поголем процент какао
- 80 -100 мл. слатка павлака
- 1 голема лажица шеќер во прав
- 1/4 мала лажица лут црвен пипер или чили во прав
Подготовка
Прекрасни слатки, едни од најпознатите француски десерти. Сега ќе го кажам моето искуство, како на најлесен начин да се подготват.
3 дена порано се оделуваат 90 грама белка и се оставаат во фрижидер.
1 ден порано се подготвува ганаш - во еден сад се ставаат шеќерот, чоколадото и лутиот црвен пипер, слатката павлака се загрева и му се додава на чоколадото, се меша додека се растопи чоколадото и се остава во фрижидер (филот може да се подготви и истиот ден кога ќе се прават макаронсите).
За подготовка на макаронсите белките се вадат од фрижидер и се оставаат на собна температура. Кога ќе се стоплат белките се ставаат во метален сад (садот задолжително треба да биде метален), се додава солта и шеќерот и се мати во зависност от тоа каков миксер користите матењето трае од 3 до 7-8 минути (меренгот трба да биде многу густ).
На смесата од белките се додаваат претходно пресеаните шеќер во прав и бадемовото брашно Најдобро бадемово брашно е домашното, а за подготовката на брашното, бадемите се ставаат во топла вода, по таков начин многу лесно се лупат и потоа се мелат со мелничка на многу ситно. Бадемовото брашно и шеќерот во прав се додаваат на 3 пати и се меша со техника фолдинг (со шпатула или лажица се меша внимателно по ѕидот на садот, се стигнува во средината и со лажицата или шпатулата се повлекува кон спротивната страна на садот). Оваа техника многу лесно може да се најде на интернет, треба да се направат некаде 60-65 движења со лажицата или шпатулата и смесата за макаронсите е готова.
За формирањето, во плех се поставува хартија за печење и со една мала кружна модла или мала чашка се цртаат кругови за по лесно постигнување на еднаква форма.
За печењето најдобро е да пробате со малку од смесата и да прецените сами, затоа што секоја рерна е различна, јас ги печев на 120 - 125 степени за 20 -23 минути.
Испечените слатки се оставаат да се изладат целосно за да може полесно да се одлепат од хартијата.
Готовите слатки се групираат по две горе - долу еднакви по големина. Во средината се става од филот, се залепуваат и макаронсите се готови.
Забелешка - сите продукти треба да бидат внимателно измерени. Белките се матат во метален сад и за да не се изместува хартијата за печење на четирите агли од плехот се става по малку од смесата и врз него се става хартијата за печење.