Тиквен леб со квас и печен со лед во рерна
Состојки
- Предтесто
- 30 гр. квас
- 20 гр. брашно
- 120 гр. вода
- Тесто
- 270 гр. квас (целата содржина од предтестото)
- 650 гр. брашно (може мешавина на брашна)
- 280-300 гр. вода
- 220 гр. пире од тиква
- 14 гр. сол
- 5 гр. куркума
- 1 лажичка мед
- 30 гр. семки од тиква
- Предтесто без квас (доколку го немате)
- 50 гр. квасец
- 100 гр. брашно
- 120 гр. вода
Подготовка
За квасот
- Одвечер одмерете 30 гр, од веќе готовот квас (доколку го имате). Додадете го брашното, млаката вода и оставете да повторно ферментира. Треба да добиете квас од околу 270 гр.
- Измешајте ги брашната, додадете го целиот квас кој сте го добиле, пирето од тиквата, медот, куркумата, замесете тесто со млака вода. Тестото ќе биде помеко. Домесете го додавајки ја солта. Покријте и оставете да стаса.(околу 30 мин) Размесете додавајки ги семките од тиква. Пак нека стаса. Истурете го тестото на побрашнета површина, со рака растегнете го тестото во правогална форма, 1/3 од горната страна вратете ја наназад до половината од правоаголната форма, со останатата 1/3 од долната страна преклопете врз тестото. Од десната страна исто така вратете страната до половина од тестото - вратете ја левата страна врз тестото, покријте и оставете повторно да стаса. Секое стасување треба да биде најмалку 30 мин. или тестото приближно да го дуплира волуменот. Повторете ја оваа постапка уште на два пата, но последниот пат да го има дуплирано волуменот.
- Повторете пак претходната постапка со развлекување на тестото, преклопување и сега оформете го тестото во саканата форма... или во форма на багет или едноставно округол леб. Пренесете го на чаршавче или крпа свртувајки ја долната страна нагоре.. оставете да нарасте дуплирајки го волуменот.
- Рерната вклучете ја на 240 степени, ставете истовремено и тавата во која ќе го печете. Одоздола под тавката ставете друг сад исто така. Кога лебот веќе е добро стасан, ќе си помогнете со лопатка така што лебот ќе го преместите на истата свртувајки го со горната страна да биде сега долна. Отворете рерната, во загреаната тава ставете го лебот, а во тавата под оваа тава ставете веднаш лед.
Затворте и нека се печи на оваа температура околу 10 минути, а потоа намалете ја температурата на 220 степени. При ова намалување на температурата извадете го и садот со лед. Нека се пече на оваа температура околу 50 мин., Намалете ја температурата на 150 степени, продолжува да се печи околу 5-10 мин. Исклучете ја рерната, нека постои малку лебот внатре со затворена рерна, отворете ја и нека одстои уште 5-10 мин, потоа извадете и ставете го веќе испечениот леб на решетка да се лади покриен со крпа.
ЗА СО КВАСЕЦ
- Направете пред тесто од квсецот, водата и брашното и нека добро стаса. Понатаму постапката иста.
НАПОМЕНА
- Куркумата е заради поинтензивната боја на самото тесто, но сепак дава одреден вкус на самото тесто.
- Јас овој леб го направив со мешавина од пченично, интегрлано и пченкарно брашно.
- Ако го правите само од пченично брашно ќе имате жол леб како алтан.
- На собна температура од околу 25 степени стасувањето на лебот кај мене се одвиваше за околу 4-5 часа, не сметајки ја подготвката на квасот. Долг е процесот и на овој леб, ама си заслужува.
- Доколку имам веќе готов ферментиран квас, јас првото замесување на тестото исто така го правам одвечер, така да скратувам од времето на ферментација на тестото наредниот ден и со самото тоа времето за неговата подготовка го скратувам.
- Тестото може да го месите и во машина, не ретко го замесувам и јас со столниот миксер од Делимано.