Торта Ангела
Состојки
- Пандишпан
- 5 јајца
- 15 лажици шеќер
- 8 лажици вода
- 1 пециво
- 1 ванила
- 2 лажици какао
- 8 лажици брашно
- 7 лажици ореви
- фил 1
- 500 мл млеко
- 2 пудинг од ванила
- 5 лажици шеќер
- 250гр путер
- 200 гр прав шеќер
- 300 гр мелени бадеми
- Фил 2
- 500 мл млеко
- 2 пудинг од чоколадо
- 1 чоколадо
- 250 гр путер
- 200 гр шеќер во прав
- Останати состојки
- 500мл слатка павлака
- 500 гр бел локум
- 500 гр шеќер во прав
Подготовка
Во стариот тефтер се води под име Торта со два фила.
Јас ја спремав за роденденот на моето драго комшивче Ангела, па затоа оваа торта го доби своето име.
Лесна по вкусот, а прекрасна за око.
Печеме три пандишпани со ист состав.
Ја користев големата тава за печење на делимано.
Ќе објаснам за едниот пандишпан, а вие ќе си направите три.
На почеток се кршат јајцата и се додава шеќерот.
Се матат убаво да се растопи шеќерот,па се додава
8 лажици вода,
1 пециво,
1 ванила.
Се исклучува миксерот и пополека се додаваат брашното, оревите и какаото.
Се истура смесата во тавата која претходно сте ја премачкале со масло и попрскале брашно.
Печете колку е доволно. Печениот пандишпан оставете го да излади.Така подгответе 3,а потоа почнете да спремате филови.
За подготовка на првиот фил
500 мл млеко се вжештува со 5 лажици шеќер.
Се додава матени два пудинга од ванила.
Ја добиваме густината која ни е потребна и тргаме од шпоретот.
Оставаме да излади.
Путерот се мати со шеќерот во прав и се додава претходно изладениот пудинг.
Во овој фил додадете и 300 гр.мелени бадеми.
За вториот фил постапката е иста, само што ќе се сменат пудинзите наместо од ванила, сега ќе ставите од чоколада,и ќе додадете едно растопено чоколадо во смесата.
Кога се ќе биде готово, се филуваат пандишпаните.
Откако е филувано, сега цела торта ќе ја премачкаме со матена слатка павлака. Оставаме да стегне.
За тоа време локумот го месиме со шеќерот во прав. Кога ќе добиеме еднолична смеса, ја делиме на онолку парчиња колку што сакаме да има бои. Додадете ја саканата боја и формирајте елементи според ваша желба. Најпрво рассукајте една кора да ја покриете цела торта, а потоа фантазирајте и додавајте украси. Оставете да отстои една ноќ, така тортата е повкусна.
На здравје.