Посен тути-фрути колач (без миксер)
Состојки
- за тесто
- 350 гр. брашно
- 1/2 кесичка (6 гр.) пециво
- 200 гр. шеќер
- 100 гр. мелени лешници
- 150 мл. масло
- 250 мл. минерална газирана вода
- 1 кесичка ( 10 гр) ванилин шеќер
- 50 гр. џем од боровинки
- за глазура
- 150 гр. посно чоколадо за готвење
- 50 гр. микс од јаткасто плодови (ореви, бадеми, фстаци, лешници)
- 50 гр. сушена брусница
Подготовка
Од дете го сакав вкусот на тути-фрути чоколадите и таа совршена комбинација јаткасти и сушени овошја. Во овие посни денови ова колаче ни беше вистинско задоволство токлу заради таа комбинација. Подготовката е со лажица, без миксер и е многу едноставна.
1. Во еден подлабок сад измешајте ги минералната вода и маслото. Додајте го шеќерот и ванилиниот шеќер и мешајте со жица за матење додека да се растопи шеќерот.
2. Во друг сад на страна соединете го брашното со пецивото. Во садот со течните состојки додајте го и џемот од боровинки и постепено додавајте ги сувите состојки, промешаното брашно со пециво и мелените лешници. Убаво измешајте ги сите состојки за тесто, додека да добиете компактна и хомогена смеса. Истурете ја смесата во тава за печење (јас овој пат одбрав да печам во округлата делиција тава со пречник од 26 см) и печете во загреана рерна на 170 степени 30 минути. Потоа намалете на температурата на 150 степени и оставете тестото да се допече уште 10-тина минута. Пред крај постојано проверувајте го тестото со чепкалка за заби зошто најмногу зависи во колкава тава ќе го печете и колку ќе биде високо. Испеченото тесто оставете го да се излади.
3. Во меѓувреме растопете го чоколадото на пареа. Дел од мешавината од јаткасто овошје ставете во растопеното чоколадо и со него полејте го изладениот колач. Останатото јаткасто овошје и брусницата посипете ги врз чоколадната глазура. Оставете колачот убаво да се излади и стегне и сечете парчиња со големина по желба.
На здравје