Переци со маслинки и солен прелив (посно)
Состојки
- за тесто
- 400 гр. брашно
- 50 мл. масло
- 1 мала лажичка сол
- 1 коцка (40 гр) свеж квасец
- 250 мл. топла вода
- 1/2 мала лажичка шеќер
- 50 гр. сецкани црни маслинки
- за солен прелив
- 1 и 1/2 голема лажица брашно
- 1/2 голема лажица сол
- 40-50 мл. вода
Подготовка
Перециве се вистински погодок за вкусен доручек, а посебно сега како супер идеја пред Божиќниве пости. Кај нас дома нема кој не ги сака. Подготовката е следна
1. Во сад ставете го квасецот со половина лажичка шеќер и лажица брашно. Налејте 100 мл топла вода, убаво промешајте и оставете го да се активира.
2. Во друг подлабок сад за месење ставете го брашното. Додајте лажичка сол и убаво промешајте. Додајте го и маслото и активираниот квасец и со преостанатите 150 мл топла вода замесете тесто. Покријте го садот со тестото со кујнска крпа и оставете го на топло место 30 минути да нарасне.
3. Во меѓувреме исецкајте ги маслинките. Кога е веќе нараснато тестото повторно размесете го притоа додавајќи ги парченцата сецкани маслинки. Поделете го тестото на 10 топчиња. Од секое топче со намрсени раце формирајтте долгнавеста форма која потоа ќе ја завиткате како перек. Оформените переци редете ги во тава за печење и оставете да нараснат уште 15-тина минути додека се загрева рерната.
4. Печете ги во заграеана рерна 180-200 степени 10 минути. Во меѓувреме подгответе го солениот прелив. Во соодветен сад промешајте го брашното со сол и малку вода. Убаво измешајте да не останат грутчиња. Извадете ги переците од рерна и со лажица нанесете го солениот прелив врз секој од нив. Вратете ги во рерна и допечете на истата температура уште 5 мин. Послужете ги топли со чаша чај. На здравје