Бисквит за милионери
Состојки
- Тесто
- 225гр брашно
- 75гр шеќер во прав
- 175гр путер
- Карамел фил
- 200 гр путер
- 380гр засладено кондензирано млеко или 10-15 големи лажици карамел крем
- 4 големи лажици мед
- Прелив
- 325 гр чоколадо
Подготовка
Мојот роденден го прославивме со оваа магија. Бисквит за милионери од книгата со колачиња, подарок од Делимано. Рецептот е од Обединетото Кралство.
35 милионерски години засладени со милионерски вкус.
Феноменално! Не можевме да престанеме да јадеме. Ровко тесто со карамел кој што се топи...ЛУДНИЦА!
1. Во тавата за печење ставете хартија за печење. Хартијата нека биде поголема, да ги покрие и страниците. Загрејте ја рерната на 170 степени.
2. Ставете го брашното и шеќерот во сад и размешајте ги заедно со путерот. Замесете убава смеса. Смесата ставете ја во тавата за печење и измазнете ја убаво или ставете ја меѓу две хартии за печење и расукајте ја, па потоа ставете ја во тавата за печење. Тестото е меко и сите вишоци и скинете ги и пополнете ги празнинте, убаво натапкајте да се измазни и супер ќе биде :)
3. По целото тесто направете дупки со вилушка и печете околу 5 минути на 170 степени, потоа
намалете ја температурата на 150° степени. Продолжете да печете околу 30-40
минути додека не добие златна боја. Извадете ја од рерната и оставете да се
излади. На почетокот тестото е меко, но кога ќе се олади, ќе се стврдне.
4. За фил путерот растопете го, додадете го кондензираното млеко
и медот. Добро промешајте ја смесата. Загрејте ја на рингла или во микорбранова 6-7 минути додека не почне да врие. Смесата е готова кога ќе згусне и ќе стане светло кафеава. Истурете ја врз бисквитот и оставете да се стврдне.
5. Стопете го чоколадото на тивко (1 од 6) или на пареа, истурете го врз карамелата и почекајте да се олади. Штом ќе се стврдне, исечете на парчиња.
Совети
1. Користете тава големина на Далимано ростерот, од прилика 30х20, а може и малку поголема. Тестото иако нема квасец, нараснува речиси двојно. Бидејки прв пат го приготвував рецептот, мислев дека нема да нарасне толку, па тестото го направив во мала тава. Тестото е крцкаво, а со поголема дебелина беше потешко да се сече. Затоа е подобро да се пече во поголема тава.
2. Хартијата за печење не ви е потребна толку многу за да не се лепи тестото, туку за да можете да го извадите целиот бисквит со карамел и прелив и полесно да го сечете на работната површина.
3. Кондензирано млеко има во поголемите маркети или можете да направите само по рецепт на Љиља. КЛИНЕТЕ ОВДЕ ЗА РЕЦЕПТОТ ЗА КОНДЕНЗИРАНО МЛЕКО.
Јас користев готов карамел крем по рецепт на Љиља. За тој рецепт, КЛИКНЕТЕ ОВДЕ.
Варете го кремот убаво да згусне.
4. Откако го направив колачот, добив идеја дека може да се прави и како мали колаченца во хартиени корпи. Тестото исукајте го на хартија за печење во дебелина помала од 0,5 см. Во зависност од големината на дното на хартиената корпа правете округлести форми со чашка за ракија или калапче. Тесотот ставете го во корпата, избоцкајте го и печете внимателно бидејки формата е помала. Само треба да зарумени.
Доколку сакате округлестата форма на тестото може да е за милиметар поголема од хартиената корпа и кога ќе го ставите тестото во корпата да се формира корпа со длапка. Во длапката ќе се полни карамелот.
Карамел и чоколаден прелив како и во првата постапка.
Прелесен, брз рецепт, кој се надевам ќе го пробате да знаете колку ми бил убав роденденот Ч)