Испечати

Карамел млечна баница

Карамел млечна баница

Состојки

  • За кремот
  • 1 л. млеко
  • 5 јајца
  • 100 гр. домашна јуфка
  • 50 гр. маргарин или путер
  • 250 гр. шеќер
  • 3 ванили
  • За карамелот
  • 200 гр. шеќер
  • 3 лажици вода
  • За пандишпанот
  • 4 јајца
  • 1 чаша шеќер
  • 1/2 чаша масло
  • 3 лажици какао
  • 1 лажичка пециво
  • 1 чаша брашно

Подготовка

Чашата е од 200 мл.
Една мала модификација на млечна баница. Рецепт по предлог на една моја пријателка Маријанка,  која пак го бендисала кај Христина. Оваа млечна баница ја има во повеќе варијанти, а јас ви ја предлагам оваа. Не значи дека нема да ви ги предложам и другите кои што ги имам.
Постапка
КАРАМЕЛ
- Шеќерот ставете во касеролата, додадете ја водата, нека се тивко печи се до негово карамелизирање - Мора да стоите до него за да не ви изгори. Прелијте го на дното од тавче со големина од 30х20 см. (малата ростер тава е идеална за млечникот).Tој брзо ќе се стврдне и затоа работете побргу околу излевањето, дното мора да биде покриено.
ЈУФКА
- Јуфката исипете во тавка, додадете путерот или маргаринот, ставете во рерна и нека се лесно запече.
КРЕМ
- Со миксер изматете ги јајцата со шеќерот, додајте го млекото, ванилата и измешајте.

Врз веќе оладениот карамел во тавката, посипете ја подпечената јуфка. Врз јуфката налејте ја млечната смеса. Ставете ја тавката во поголема тава со вода, потоа ставете во претходно загреана рерна на 160 степена и нека се пече околу 30 мин.
ПАНДИШПАН
- Додека се пече млечната смеса изматете ги јајцата со шеќерот, додадете го маслото, брашното кое веќе сте го измешале со пецивото и какаото, разбркајте да стане хомогена смеса.
Извадете ја тавката во која веќе е испечена млечната смеса, налијте ја оваа смеса за пандишпанот, вратете во рерна да се пече уште 20 мин. повторно ставајки ја во тавката со вода.
Печено извадете заедно со таквата со вода оставете потполно да се олади. Врз оладената млечна баница поставете поголем послужавник или тоа што ќе го изберете вие, превртете ја на него и ви останува само да уживате потоа во волшебниот вкус на овој десерт.
Нека ви е слатко!
НАПОМЕНА
- Како што кажав - малата ростер тава е идеална големина за оваа млечна баница, а големата сосема одговара да во неа се стави вода и да се печи. Јас така работев.
- Пред да ја превртите баницата, само со керамички нож поминете по рабовите на тавката да ја одвоите баницата од зидовите и лесно ќе се преврти.
- Баницата мора да ја оставите да се добро олади во тавката во која сеуште има вода. Така останува карамелот течен кој што потоа откако ќе го превртите е потребен за да се впие во пандишпанот.