Кроасанчиња
Состојки
- 1 кг. брашно
- 2 лажички сол
- 2 лажички шеќер
- 40 гр. свеж квасец
- 200 мл. благо млеко
- 200 гр. кисело млеко
- 3 јајца
- 50 мл. масло
- 150-200 гр. маргарин/путер
- околу 150 гр. бело сирење
- 1 јајце (за премачкување)
- сусам
Подготовка
Овие мали кроасанчиња одземаат малку повеќе време за подготовка, но крајниот ефект ќе го оправда вложениот труд.
1. Се замесува средно меко тесто од сите состојки и се дели на 2 дела и веднаш се обработува.
2. Се зема првиот дел и се дели на 8 топчиња, секое топче се сучи како мала коричка, се премачкува со маргарин/путер. Премачканите корички (освен најгорната) се ставаат една врз друга и се рассучуваат во една голема округла кора.
3. Кората се сечи на 32 парчиња кои се тенки и долги, на секое парче се става по малку дробено сирење и внимателно се витка во кроасанче. Сите кроасанчиња се редат во плех со мрсна хартија и се остава да киснат на топло 1 час и половина.
Се обработува и вториот дел на ист начин.
4. Пред печење кроасанчињата се мачкаат со јајце, се наросуваат со сусам и се печат на 200 степени околу 25-30 минути.
Забелешка
При замесувањето не мора да се стави целата количина брашно, тоа ќе се дотури по потреба.
Отпрвин кроасанчињата се многу малечки, но после стасувањето значително ќе нараснат.
Додека се обработува првото тесто, второто тесто е подобро да стои на ладно бидејќи ќе нарасне доста и ќе биде потешко за обработка.