Куглоф со белки
Состојки
- 8 белки од средни по големина јајца
- 250 грама шеќер
- 1 лажица пченкарно брашно
- 160 грама бело брашно
- 1 лажичка прашок за пециво
- 1 ванилин шеќер
- 100 грама растопен путер
- 100 грама суво грозје
Подготовка
Ако скоро сте правеле торта, мајонез или крем со жолчки, а и вам како и мене ви е здосадено при секој вишок на белки секогаш да правите целувки(пуслици), овој рецепт е за вас.
Брз, евтин и неверојатно мек и вкусен колач, а изгледа како доста да сте се потрудиле. Најважно (барем за мене) нема никаков вкус или мирис на белки и покрај големата количина.
Белките ги матиме постепено додавајќи го шеќерот со ванилиниот шеќер додека да добиеме кремаста текстура.
Белото брашно, пченкарното брашно и прашокот за пециво ги комбинираме и ги додаваме во смесата со белки мешајќи внимателно со шпатула.
Растопениот оладен путер го додаваме на крај, мешаме и додаваме суво грозје и кората од лимон.
Печеме во задолжително намастен калап во форма на куглоф на 180 степени.
Проверуваме дали е испечено со чепкалка, одприлика за 30мин треба да е испечен.
Одозгора наросуваме со шеќер во прав и сервираме.
Добар апетит!