Испечати

Сочна баклава со тиква и фстаци

Сочна баклава со тиква и фстаци

Состојки

  • 250 гр кори
  • 180 гр путер
  • 200 гр микс од лешници, бадеми , фстаци и брусница
  • 200 гр тиква
  • 4 ванилин шеќери
  • 1 лажичка цимет
  • 50 гр гриз
  • За шербет
  • 5 лажици мед
  • 400 гр шеќер
  • 350 мл вода
  • 4 лажици сок од лимон
  • 1 стапче цимет
  • рендана кора од 1/2 мандарина

Подготовка

Си сакам јас шербетлиски слатки, но дома баш не ми ги сакаат. Арно ама за големо чудо оваа баклава која ја направив поведена од темава, наиде на големо воодушевување кај сите во семејството, па и кај гостите кои ја пробаа. Следува начинот за подготовка кој е многу брз и лесен.

Подготовка
1. Рерната ја вклучуваме на 180 степени. Путерот го топиме на тивок оган. Миксот од јаткасти плодови и брусница го сечкаме во сечко, ама не многу ситно, да има и покрупни гранули. Тиквата ја рендаме и ја соединуваме со ванилиниот шеќер и циметот, ама може и посебно веднаш врз корите да се ренда, а ванилиниот заедно со циметот да се посипува во прстофати.
2. Девет корти имав во оваа доза на кори, па во едниот ролат ставив 5 кори, а во другиот четири. Секоја кора ја премачкуваме со путер, посипуваме од миксот, прстофат гриз распоредуваме насекаде, ставаме од тиквата и така на четири кори, една врз друга. Мотаме ролат, го тргаме на страна.
3. Вториот начин пак ми беше вака. Една кора ја мачкаме со путер, рендаме тиква, ставаме гриз, шеќер со цимет и мотаме веднаш еден ролат, така и со останатите две кори. Потоа со двете кори кои ни преостануваат ја повторуваме постапката за фил, а трите тенки ролати ги редиме врз нив и мотаме ролат.
4. Ролатите ги сечкаме со дебелина од 1,5 см и ги редиме во тава. Печеме во загреаната рерна околу 30 минути, а ако користите вентилатор во рерната тогаш само 20 минути. Откако ролатите ќе се изладат ги полеваме со шербет.
5. За шербетот сите состојки освен лимонот ги ставаме на оган на тивко да врие околу 7 минути, го додаваме лимоновиот сок, па вриеме уште 7-8 минути. Баклавата ја залеваме и ја оставаме да го впие шербетот.

Забелешка
Кога ќе ги моткате ролатите подстегнувајте ги по малку, поубав изглед ќе имаат, се разбира колку тоа го дозволуваат корите.

Уживајте во вкусот на оваа есенска баклава!