Испечати

Колач со тиква

Колач со тиква

Состојки

  • 1 + 1/2 чаша пире од тиква
  • 2 јајца
  • 1/2 чаша масло
  • 1/4 чаша кисело млеко/јогурт/павлака
  • 1 + 3/4 чаши брашно
  • 2 лажички сода бикарбона
  • 1 чаша шеќер
  • 1 лажичка цимет
  • 1/2 лажичка ѓумбир во прав
  • 1/2 лажичка кардамон
  • 1/4 лажичка мелени каранфилчиња или 3-4 цели

Подготовка

Со доаѓањето на есенската сезона дојде време кога можам да експериментирам подолго во кујната и да ја замирисам цела куќа со најразлични зачини.
Колачот или мафините во која форма и да одберете да го испечете ќе ви ги разгали сите сетила.
Плус, одличен е за искористување на преостаната тиква.

3 поголеми парчиња тиква ги лупиме и ги вариме со малку вода или доколку сакате побрза варијанта може да ја ставите во сад во микробранова со неколку лажици вода.
Сварената тиква ја пасираме со алатка за пире, доколку сакате повеќе текстура на тиква пасирајте ја со вилушка, така ќе останат покрупни парченца низ колачот.
Пасираната тиква ја оставаме малку да се олади.
Во оладената тиква ги додаваме двете јајца, киселото млеко и маслото и мешаме со жица за матење.
Настрана ги соединуваме брашното, содата, солта, шеќерот со зачините. Ја додаваме смесата со тиква и мешаме со шпатула.
Мешаме внимателно и полека, да не се преактивира глутенот и лебот да ни стане тежок.
Намастуваме калапи, во мојот случај смесата беше доволна за една векна и 6 мафини од сетот Бејкуар на Делимано.
Смесата ја ставаме во калапите, одозгора можете (а и не морате) да додадете јатки, семиња или темно чоколадо во мојот случај.
Се пече на 175 степени, без вентилатор.
Мафините се готови за 20тина минути.
Поголемиот колач го прекриваме со фолија после 20минути и печеме до 40-45 минути.
Проверувајте на стандардниот начин со чепкалка за заби.
Овој колач е неверојатно мек и сочен, одличен за десерт или појадок или со чаша кафе.

Забелешка
Рецептот е многу флексибилен дури и малку да утнете со мерките нема да се примети.
Доколку тиквата е поблага шеќерот ќе ви биде доволно, доколку не е додадете уште 1/4 од чашата.
Рецептот може да го пробате и со благ портокалов компир (батат), може да замените дел од тиквата со банана. Ова се верзии веќе испробани од мене, бидејќи колачот брзо стана фаворит кај домашните, па се пече на неделна основа.

Добар апетит!