Испечати

Меден колач со тиква

Меден колач со тиква

Состојки

  • за кори
  • 12 големи лажици маргарин (или путер)
  • 1 јајце
  • 8 големи лажици шеќер
  • 12 големи лажици млеко
  • 3 големи лажици мед
  • 1/2 мала лажичка сода бикарбона
  • 1 кесичка (5 гр.) цимет
  • 550 гр. брашно
  • за прв фил со тиква
  • 600 гр. исчистена тиква
  • 200 гр. шеќер во прав
  • 2 кесички (80 гр.) пудинг од ванила
  • 5 големи лажици шеќер
  • 500 мл. вода (во која се варела тиквата)
  • 125 гр. маргарин
  • за втор фил
  • 150 гр. шеќер
  • 3 големи лажици густин
  • 400 мл. млеко
  • 1 голема лажица брашно
  • 125 гр. маргарин
  • за украсување
  • 50 гр растопено чоколадо за готвење
  • малку бадеми во листови

Подготовка

Добро познатиот меден колач овој пат збогатен со фил од тиква. Јас едноставно ги обожавам овој тип на колачи, а тиквата во комбинација со цимет само ми го збогати овој раскошен вкус. Овој колач одзема малку повеќе време за подготовка, ама крајниот резултат ќе ги воодушеви и најпребирливите вкусови. Подготовката е следна
1. За подготовка на корите. Во подлабок сад ставете го маргаринот ( путерот) , содата, циметот, медот, едно јајце, млекото и брашното. Со рака замесете тесто. На почеток тестото ќе ви изгледа песокливо но со тек на месење состојките убаво и компактно се соединуваат и ќе добиете мазно тесто. Така добиеното тесто поделете го на 5 еднакви дела од кои треба да формирате 5 кори. Од првото топче тесто со сукалка на набрашнета работна површина развлечете правоаголна кора и ставете ја тава за печење. Јас печев во ростер тавата и не ја премачкував подлогата со ништо. Ако печете во друга тава ставете хартија за печење. Печете во загреана рерна на 180 степени 12-15 мин. На истиот начин подгответе ги и останатите 4 кори.
2. За подготовка на филот со тиква. Парчињата исчистена тиква ставете ги во тенџере со еден литар вода да се сварат. Од кога се убаво сварени и омекнати ставете ги во цедалка за да се исцеди вишокот вода. Од водата во која се вареше тиквата одделете 500 мл. и во неа разматете го прашокот за пудинг промешан со 5 лажици шеќер. Варете додека пудингот не ја добие потребната густина. Оставете убаво да се излади. Изматете го маргаринот со 200 гр шеќер во прав и кога ќе стане пенест додадете го изладениот пудинг од ванила и парчињата сварена тиква. Миксирајте додека филот не се изедначи.
3. За подготовка на вториот фил. Во тенџере на оган ставете го млекото, шеќерот, густинот и лажица брашно. На умерен оган со постојано мешање со жица варете го кремот додека убаво да се згусти. Оставете да се излади. Со миксер во друг сад изматете ги преостанатите 125 гр маргарин и во нив додајте го изладениот крем од густин. Матете додека смесата да се изедначи.
4. На соодветен сад ставете ја првата кора и премачкајте ја со филот од тиква. Поклопете со втората кора и премачкајте со вториот фил, поклопете со трета кора и филувајте така наизменично додека да ги потрочите сите кори и фил. На крај целиот колач премачкајте го со филот од тиква. Растопете 50 гр чоколадо за готвење и со него украсете го колачот. Попрскајте со листови од бадеми ( или по свој вкус) и оставете колачот убаво да се стегне. Најдобро е да го оставите цела ноќ да стои пред да го сечете за тестата убаво да омекнат. Сечете коцки или штангли по желба и уживајте.
На здравје