Испечати

Слатко од дуњи

Слатко од дуњи

Состојки

  • 1 кг. дуњи (исчистени)
  • 1 кесичка лимонтус
  • шербет
  • 800 гр. шеќер
  • 500 мл. вода
  • 1/2 кесичка лимонтус

Подготовка

Ова слатко е едно од моите најомилени уште од детството, особено ова сечкано на парчиња. Слатко киселкатиот вкус на шербетните парчиња дуња со нивната природна нота, просто се топат во уста и ги активираат сетилата.

~ Подготовка ~
1. Дуњите се мијат, се лупат, се чистат во средината и од тврдите делови, се сечат на коцки и се ставаат во сад со вода во која е измешан 1 лимонтус за да не потемнат многу додека да се обработат сите.
2. Во соодветно тенџере се вари шербетот кој врие неколку минути, потоа во него се ставаат парчињата дуњи. На почетокот се вади пената што ќе се направи, со лажица решетка слаткото повремено се промешува. Се вари околу 40-тина минути но се внимава дуњите да не се преварат многу, бидејќи ќе се распаднат и ќе потемнат.
3. Штом е сварено слаткото, тенџерето се трга настрана, се покрива со влажна крпа и се остава природно да се излади. Се собира во чисти тегли и се чува на ладно.

~ Забелешка ~
Дадените мерки се за 1 кг. исчистени дуњи, па слаткото по вкус е соодветно според мене и сите што го пробале, ни премногу - ни премалку благо. Зависно од количината на дуњи што ја имате, соодветно ќе пресметате колку ви се потребни останатите состојки (малку математика, ха, ха ...).
Кога ќе се свари слаткото, изгледа дека има повеќе течност т.е шербет, но штом ќе се излади, во текот на собирањето во теглите количините си се таман.
Ориентационо за 1 кг. чисти дуњи потребно е околу 1,7 кг. дуњи, но сепак зависи од тоа колкава количина ќе отпадне при чистењето.
Па, пробајте!