Сватовски солен ролат
Состојки
- жолто тесто
- 3 јајца
- 1/2 лажиче сол
- 1/2 лажиче куркума
- 1/2 лажиче пециво
- 200мл јогурт
- 50мл масло
- 6 лажици брашно
- тенко жолто тесто
- 2 јајца
- 1/4 лажиче сол
- 200мл млеко
- 1 лажица растопен путер
- 4 лажици брашно
- 1/4 лажиче пециво
- фил
- 4 парчиња топено сирење
- 350гр урда или сирење
- 200гр кисела павлака
- 50гр рендан кашкавал
- сол, бел бибер
- 2 лажици ајвар
- 200гр бланширан спанаќ
- 50гр мешавина од сусам и ленено семе
- павлака за декорација
Подготовка
Од редот на солени, декоративни ролати, погодни за свечани трпези.
Најпрво се прави филот.
Во вангличка се ставаат парчињата топено сирење, киселата павлака, урдата и се мати со миксер 2-3 минути, убаво да се соединат. Се зачинува со сол и бибер.
Се остава во фрижидер.
Сега се спрема тестото со куркума.
Прво се матат жолчките со сол, па се додаваат маслото, јогуртот, куркума, пециво,постепено се додава снег од изматените белки и на крај брашното.
Лесно со шпатула се соединува и се истура смесата во правоаголен плех (може во ростер тава) кој е претходно обложен со хартија и се печи околу 25 минути на 190 степени.
Сега се подготвува помалото тесто.
Се матат јајцата со сол, па се додава растопениот путер, млекото и брашното.
Смесата убаво се соединува и се излива во мала ростер тава, се печи околу 15 минути на 190 степени.
Филот се вади од фрижидер и се дели на 2 дела.
Во едната (може да биде малку поголема половина) се ставаат потпечениот лен и сусам и избланшираниот, исецкан спанаќ.
Убаво се соединува.
Во втората половина од филот се ставаат 2-3 лажици лут ајвар.
Врз малото тесто од две јајца, се нанесува филот со ајвар.
Убаво се завиткува ролатче.
Сега на тестото со куркума се нанесува филот со спанаќ.
На почетокот на кората се става малото ролатче и заедно се витка ролат.
Убаво се стега во фолија и се чува во фрижидер 2 часа.
Потоа се декорира со кисела павлака и се сервира.