Испечати

Леб со ленено семе

Леб со ленено семе

Состојки

  • 500 гр. брашно (може и мешавина - интегрално и бело)
  • 365 г. вода
  • 1 лажичка јачменов слад или мед
  • 150 гр. квас со 100% влажност
  • 12 гр. сол
  • 10 гр. масло
  • 50 гр. ленено семе
  • 100 мл. вода

Подготовка

Преубаво е....
1. Квасот кој е потребен овде е со 100% влажност, затоа пред да почнете да месите - потхранете го барем 3-4 часа порано.
2. Ставете во садот во кој ке месите 340гр вода, додадете го квасот, потоа брашното. Измешајте да нема грутчиња и оставете нека одстои 1/2 час.
3. Во преостанатата вода растворете 1 лажичка јачменов слад (ако немате или изоставете или додадете мед) и додадете солта. Додадете во веќе одлежаното тесто од 1/2 час, измешајте и повторно го оставате да одстои 1/2 част.
4. Во сад ставете 100мл.вода со лененото семе да зоврие, намалете температурата и нека се вари неколку минути - се додека семето не ја впие водата.Тргнете од огнот и оставете да олади.
5. Во одлежаното тесто додадете го оладеното ленено семе, измешајте убаво да се тоа распореди... оставете пак да одмара 1/2 час.
6. Истресете го тестото на добро побрашнета работна површина. Веднаш тестото поделете го на две или пак ако сакате само едно лепче... тогаш оставете го целото. Јас правам две векнички (ако може да се нарече векна)
Истресеното тесто не го месете, со рацете растргнувајте го во правоаголна форма тапкајки по него, но не многу силно за да не го истиснете воздухот. Вратете ја горната страна кон средината, со долнате преклопете го тестото, од левата страна подигнете тестото и преклопете до средината - а десната страна преку левата, пак малку тапкајте со рацете да добиете правоаголна форма. Замотајте во ролат одкај пократката страна. (Ако сакате округол леб, тогаш ќе застанете до диплењето и нема повторно да правите правоаголна форма, туку едноставно само со рацете дооформете ја формата и тоа е). Вака спреманиот леб префрлете на крпа која сте ја дооообро побрашниле. Покријте и оставете да одмара 1 час - да стаса.
Овој леб можете да го печете и во сад со капак. Ако се одлучите за вакво печење тогаш нема да имате потреба да додавате под тавата сад кој ќе послужи да се стави лед или вода во истиот кога ќе се стави да се пече лебот.
- Загрејте ја рерната на 250 степени. Ставете тавата во која ќе го печите лебот истовремено да се загрева.
Кога е стасан лебот извадете ја загреана тавка од рерната, нежно префрлете го лебот во неа, вратете веднаш во рерната, а во садот испод тавката ставете 5-6 коцки лед или 1 чаша топла вода. Затворете ја рерната. Нека се пече на оваа температура 10-15 мин. Смалете ја температурата на 200 степени и извадете го садот со водата. Нека се печи 10-15 мин., по што температурата ќе ја намалите на 180 степени и на оваа температура се остава целосно да се испече.
НАПОМЕНА
- За цело време тестото го месите со шпатула или лажица - тоа е многу меко. Земајте одкај ѕидот на садот во кој месите и вракајте го накај средината и така вртете садот и целото тесто ставајте го одкај ѕидовите накај средината. Така се меси овака меко тесто. Затоа и велам на добро побрашнета површина.
- ако сте направиле две векни - се пече најмногу 50 мин, а ако е еден леб се пече најмногу 60 мин.
- Да добиете крцкава кора ако го сакате таков лебот, последните 10 мин. оставете ја малку - но малку - подотворена рерната.
- Ако го печете лебот во сад со капак - напишав погоре... се загрева и садот и капакот - кој после 20 мин, печење се трга и натаму продолжува да се пече без капак.
Па драги мои, нека ви е слатко. Јас користев мешавина на бело и интегрално брашно.