Малиџано (луто)
Состојки
- 10 кг. црвени пиперки за ајвар
- 1 кг. лути пиперки (црвени)
- 10 црни домати (средно големи)
- 1 литар масло
- филџан = 120 мл.
- 1 филџан шеќер
- 1 филџан винска киселина 5 %
- 1/2 филџан или повеќе сол
- 2 лажици сенф
Подготовка
Рецептот за ова малиџано го имам од една пријателка на мајка ми која и го има дадено одамна. По рецептот пиперките треба да се зелени, но јас го правам со црвени бидејќи така ми е повкусно.
1. Пиперките и црните домати се печат, се лупат и се оставаат да се цедат преку ноќ. Наредниот ден се мелат.
2. Во големо тенџере за ајвар се става 500 мл. масло и штом се затопли се ставаат мелените пиперки и црни домати и се пржат околу 40 минути.
3. Потоа се додава и останатото 500 мл. масло, се пржи малку да се впие маслото, па се додаваат солта, шеќерот, винскиот оцет и сенфот.
4. Се пржи уште 30-тина минути, односно додека да почне да излегува маслото.
5. Малиџаното се собира топло во топли и стерилизирани тегли и се затвора со чисти и суви капачиња, се покрива со ќебе и стои додека се излади убаво.
Од оваа доза излегуваат 5-6 големи тегли или повеќе теглиња ако се помали.
Бидејќи има 1 кг. лути пиперки малиџаното е луто (јас го јадам така лутко), а кој не јаде многу луто секако може да си направи без лути пиперки.
Малиџаното е одлично како пикантен прилог на многу јадења.