Банана Чили Кон Карне
Состојки
- 2 главици кромид
- 3 чешниња лук
- 5-6 чили пиперчиња
- по една меснати по боја зелена, жолта и црвена пиперка
- околу 400 гр. доматно пире
- околу 600-700 гр. помали домати
- 2 лажички мелен ким
- 1 лажичка мелен црвен пипер
- 2 банани
- 400 гр. кафен грав
- 400 гр. мелено говедско месо - може и мешавина
- за овкусување 1 говедска или зеленчукова коца, и по ваш вкус досолете,
- на вкус бибер
Подготовка
Чили Кон Карне во многу варијанти. Јас спремив по рецепт на Рудолф за кој верувам дека многумина го виделе, го спремив, останавме презадоволни, па си реков нека го и тука, зошто само да го има кај Рудолф.
- На маслиново масло во подлабока тава или касерола, ставете кратко да се пропржи ситно сецканиот кромид и лук. Пробркувајте. Додадете го мелениот ким, нека се пржи исто така кратко време по што ќе ги додадете исчистените од семето Чили пиперчињата, а ако имате поголема пиперка, тогаш ставете една, исецкајте ја и додадете кај кромидот и лукот и нека продолжи да се пржи. По ова кратко пропржување додадете го меленото месо. Измешајте и пробркувајте додека сето тоа заедно се пржи.
- Додека се пржи исчистете ги од семето зелената, црвената и жолта пиперка, исецкајте на не толку големи парчиња, додадете кај месото. Нека продолжи повторно сето ова да се пржи. Додадете го пирето од домати. Измешајте и оставете да крчка на огнот, а за тоа време исецкајте го доматот, и него додадете го. Додадете ја и коцката, говедска или зеленчукова. Сето ова сега нека се вари или крчка околу 10 мин.
- Исецкајте ги бананите на кругови, додадете ги и нив. Додадете го и сварениот кафен грав.
- Веќе ги имате ставено во касеролата сите состојки... пробајте и овкусете со сол или сув зачин. Поросете и бибер. Нека крчка околу 8 мин. Тргнете од огнот.
Вака спреманото Чили Кон Карне сервирајте или самостојно или со додаток на ориз било интегрален било бел ориз, а секако дека може и со тестенини.
Напомена
- Јас имав мали Чили пиперчиња, ставив околу 8 (за да ми биде попикантно).
- Сварив кратки макарони, (ме потсети на Паста Фажол), супер, супер комбинација, кој сака пикантно - ке биде презадоволен.
- Пиперките ми беа точно така - црвена, жолта и зелена и беа од бабурите кои се меснати. Комбинација од мерак.