Кифлички со кашкавал од морков и компир + Апетитка од тетка Благица
Состојки
- Состојки за кифличките
- 5-6 средни компири
- 4-5 моркови
- 1 средна главица кромид
- 2 чешниња лук
- 2 супени лажици маслиново масло
- сол бибер мешан сув зачин по вкус
- 200 гр кашкавал или уште поубаво ако имате моцарела
- Состојки за апетитката
- 20 кг црвени домати
- 800 мл винска киселина
- 800 мл масло
- 800 мл вода
- 800 гр шеќер
- 100 гр сол
- 12 ловорови листови
- 3 пакетчиња бибер во зрно
- мали лути пиперчиња (цели)
Подготовка
Кифлички со кашкавал
Компирите и морковите се лупат и се сечкаат на коцки и се ставаат да варат во посолена вода, ама не треба да се премногу варени. Додека се варат компирите и морковите настрана на маслиново масло се пржи кромидот исецкан на поситни коцки, со протиснатото лукче. Откако ќе се сварат компирите и морковите водата им се истура и во неа се додава пржениот кромид со лукчето, мелен црн бибер и зачини по желба. Се убаво се пасира и ако е потечно се додава и една лажица лебни трошки. Кашкавалот се сече на средни подебели ленти. Се зема од смесата се расплескува на рака се става една лента кашкавал и се затвора како кифличка. Се редат во плех обложен со хартија, може да ги посипете со семиња по желба и се печат на 200 степени околу 10-15 мин, колку да се стопи кашкавалот. Се служат и толи, но повкусни се кога малку ќе подизладат, во комбинација со лутица, ајварче или како во мојов случај со апетитка.
На здравје
Апетитка од тетка Благица
Доматите се мијат, се лупат и се сецкаат, мелат, рендаат кој како сака (за полесно и побрзо да ги излупите пробајте вака - пресечете ги доматите на половина, отстранете им ја дршката и на крупната страна од рендето почнете да го рендате доматот, останува само лушпата).
Доматите се ставаат да се пржат без масло, додека не се позгустат, ама и да не бидат многу препржени. Кога се при крај, се става во посебен сад да вари се заедно - водата, киселината, солта, маслото, шеќерот, ловоровите ливчиња, пиперчињата и биберот. Од кога ќе зоврие вари уште 20 мин. и врело се тура во доматите што се пржат. Оставаме се заедно да се пржи уште околу 1 час.
Се собира во жешки помалецки теглиња или мали шишиња, додека е врело, убаво се затвораат теглите и се оставаат во топла рерна да се вакумираат. Ако сакате појак вкус на луто, можете неколку пиперчиња да изгмечите.