Испечати

Суши Нори

Суши Нори

Состојки

  • 6 листови Нори алга
  • 250 гр инстант ориз со долго зрно
  • 2 сардини
  • 3-4 кисели корнишони
  • 1 црвена пиперка од туршија
  • 1 грст златна мешавина (грашак, морков, пченка)
  • Прелив за оризот
  • 2 лажици шеќер
  • 1 лажиче сол
  • 4 лажици јаболкова киселина
  • соја сос за послужување

Подготовка

Дами и господа, ви го претставувам моето прво кинеско јадење, кое го изобличив со наши македонски состојки во неможност да ги најдам оригиналите во пазарната околина. Морам на почеток да кажам дека доминацијата на слатко-кисел вкус од оваа кујна е и овде присутен, а за нас не баш многу својствен. Но, кога ќе си го направите сами и тоа со своја импровизација за состојките секако дека ќе пробате неколку пати да видите што тоа ново сте направиле. Е, после тие неколку вкусувања, ќе сфатите зошто одредени луѓе ја засакале специфичната кинеска кујна (а вие сте мислеле дека никогаш нема да ги разберите) .

Сварете го оризот спрема упатството и оставете го да се цеди. Во меѓувреме ставете ги состојките за прелив во ѓезве да вријат околу 2 минутки. Потоа измешајте ги со исцедениот ориз.

Пиперката исецкајте ја на тенки листови. Исто и корнишоните. Сардините, во зависност од тоа колку се дебели, пресечете ги на половина или на 4. Мешавината сварете ја и исцедете ја.

Алгата нори ставете ја врз најлон фолија со мазната страна кон неа, а рапавата нагоре. Ставете отприлика 3 лажици од оризот и тенко распоредете го, така што на едниот крај ќе оставите празно од околу 2 см. На неколку прсти од почетокот по должина ставете од лентите сардина, пеперка, корнишон и распоредете од златната мешавина. Внимателно завиткајте ја алгата во ролна. Делот каде остана ненаполнат со фил, треба да ви е крајниот дел од завитканиот ролат. Тој премачкајте го со малку вода за убаво да се залепи роланата алга.

Со отар нож кој при секое засекување ќе го плакните со ладна вода сечете парчиња од околу 2,5см. Послужете со соја сос или васаби ако имате.

Забелешка
Ова јадење се прави со специјален ориз за суши, а како јас не бев во можност да го најдам во продажба, се одлучив за басмати ориз по 125 гр пакован во кесички кој брзо и лесно се припрема. Не е погоден за оваа намена, но брка работа доколку сакате да го пробате ова кинеско јадење и да го прилагодите на начин како на пример –вака.

Виткањето на алгата најлесно се прави со бамбусова подлога, која ќе ка поставите под најлон фолијата и со нејзина помош полесно ќе завиткате во ролат.

Јаболковата киселина ја заменува оризовата, бидејќи и таква тешко ќе најдам да купам, а ако немате ни јаболккова по дома, ставете и прехрамбена. Не е тоа-тоа, но е паролата – снајди се.