Зимница спремена во машина за садови
Состојки
- За компот
- по 2 овошја во тегла или мешавина круши, праски, модри сливи...
- 3 лажици шеќер (зависно од тоа колку е благо самото овошје)
- 1 лажица лимон за она овошје кое нема киселост (на пример крушите)
- За корнишони
- ситни корнишони
- 1 рамна лажица сол
- 2 рамни лажици шеќер
- 55 мл 9% прехрамбен оцет (мало филџанче за црно кафе)
- 1 рамно лажиче бел синап
- За црвени пиперки
- 1 лажица крупна сол
- 2 лажици шеќер
- 55 мл 9% прехрамбен оцет
- 3 лажици масло
- 5-6 чешниња лук
- 1 шака крупно сецкан магдонос
- Мерките се за по тегла
Подготовка
Од секогаш не сум го сакала тоа термичко спремање на зимницата. Големо тенџере, крпи, весници, чуда... Благодарение на една од ФБ групите, ја видов идејата наместо сето ова погоре, едноставно да се спреми овој тип на зимница во машината за садови. Не дека годинава ќе спремав зимница ако не беше оваа луда идеја! Едноставно, морав да пробам, да се искористи машината и за сосема друга намера просто е предизвик. Па така, за прв пат се решив да го спремам компотот по рецепт на комшивката, за прв пат да направам корнишончиња во тегли наместо онаа моја „Руска салата“, пиперки со магдонос и лукче во тегла, како оние кои понекогаш ги купувам само јас ги исецкав, па по некој карфиол и брокула и мешавина со морков и корнишночиња... си се „изнаиграв“ и тоа се во една вечер.
Мерките се за во една тегла. Количината на зеленчук за тегла не е пишана бидејќи зависи од големината на теглата и самиот зеленчук, како и од силата и умешноста на домаќинката да го настега во теглите.
Ставате се од наведеното за кое ќе се одлучите во теглата и дополнете со вода највисоко до навојот на теглата. Убаво затворате и ги клачкате теглите (тоа повеќе важи за оние со компотот) и потоа ги редите во машината. Ја пуштате програмата со највисока температура која во исто време е и најдолга по време. Ги вадите, ако ги правите ко мене на вечер, утрото. Да стојат додека има топлина во машината, додека не изладат.
Кога ќе ги вадите теглите од машина утрото, сопругот малку чудно ќе ве гледа пиејќи го утринското кафе, ама нејсе, ќе се помири и со тоа од вашата кујна.
• Овошјето за компотот излупете го. Со 2 лажици во тегла е едвај благо, па ако сакате повеќе, ставете си повеќе. Комшивката вака го спрема компотот како готова варијанта за пиење, а јас пак посакав за прв пат да си направам ваков редок компот за Нурти Булетот-ставаш една тегла во Булет, мискаш и ете ти се готово.
• Црвените пиперки исецкајте ги на парчиња по ваша замисла/желба.
. Секако, доколку си имате свое проверено солило за одредена зимница можи да си го употребите тоа. Овде повеќе е битна идејата на конзервирање.