Печени компири полнети со мелено месо и бешамел
Состојки
- 4 средно големи компири
- 100гр мелено месо
- 1 главица кромид
- 1 среден морков
- 1 кесичка фант
- Бешамел
- 10-15 грама путер (една голема лажица)
- половина голема лажица брашно
- 100мл млеко
- сол и бибер по вкус
- За декорација
- по потреба рендан кашкавал
- по потреба пиперки (по можност црвени)
- по потреба сецкани маслинки
- по потреба/желба сушен босилек
Подготовка
Компирите измијте ги, излупете ги и пресечете ги на половина. Долната страна на компирите исечете ја да биде рамна, да не се клатат. Јас тоа го правев со алатката за лупење компири.
Со мало лажиче извадете ја средината на компирите колку што можете подлабоко за да има простор да ги полните.
Во тавче ставете вода на дното и малку масло. Наредете ги компирите и ставете ги во загреана рерна на 200 степени.
Додека компирите се печат, пригответе го полнењето.
Кромидот исецкајте го ситно и пропржете го на загреано масло. Изрендајте го морковот и кога водата ќе подиспари, додадете го меленото месо измешано со фантот. Пржете го месото и постојано притискајте го за да не се направат малку ќофтенца, туку да останат мали парченца мелено месо. Дозволете водата убаво да испари и месото да се подзапржи.
Доколку купувате месо и ви го мелат на лице место, за овој рецепт нека го поминат низ машина само еднаш. Доколку сакате да правите ќебапчиња, плесаквици или ќофтиња, замолете ги да го пројдат месото низ машина два пати. Ова го научив од добриот чичко што работеше во месарата каде што пазарев порано.
За бешамелот
Во сад за сос ставет го путерот. Додадете го брашното и пропржете го. Додадете го млакото млеко и мешајте да не се направат грутки. Ова со млакото млеко го научив од некој од готвачите на странава и морам да кажам фала. Од кога го употребувам млекото млако, не правам бешамел со миксер за да ги разбијам грутките =))
Варете го додека не згусне. Зачинете по вкус. Во бешамел најчесто додавам морско оревче, но овој пат не ставив. Фантот ја прави магијата тука.
Количината на бешамелот е мала. Доколку не сакате да правите бешамел, можете да користите мало пакување кое го има во поснабдените маркети.
Компирите извадете ги од рерна и наполнете ги со месо, потоа прелијте ги со бешамел и нарендајте кашкавал.
Во зависност од тоа колку ќе бидат длабоки компирите, полнењето ќе ви биде од прилика по една голема лажица месо, бешамел и по желба кашкавал.
Вратете ги 10ина мин во рерна, да се растопи кашкавалот. Додека е топло посипете со сушен босилек. За да биде малку пошарено јас врз бешамелот ставив малку црвени сецкани пиперки и маслинки.
Дозата е мала, а и можете да ја прилагодувате според потребите и вкусот. Не мора да се држите точно до состојките. Комбинацијата на вкусовите е таа што остава без здив. Многу го сакам морковот во јадењата. Никогаш не доминира, а дава феноменален шмек.
Чисто информативно, се намачив со длабењето на компирот. Всушност ми се брзаше, а тоа си бараше трпение. Овој на сликата е најиздлабениот, другите се тежок фуш, ама тоа е мојата мрза =))
Фантот...ех, детство мое Ч) Кога бевме мали со брат ми, ќе не прашаа дома што сакаме да јадеме, пречесто на мени ни беше ќофтиња со фант и пржени компирчиња. Еднаш мајка ми останала без Фант дома, веднаш познавме и цвилевме ко разглалени деришта =))