Чиа овошна салата
Состојки
- праска, банана, киви, грозје, малини, јаготки, портокал, црвени сливи...
- 150 мл џус или сок од портокал
- 2 лажици чиа семе
- 1 лажица сок од лимон
- 1 лажица мед, јаворов сируп или некој друг засладувач
- по желба кршени или јатки орев и по некоја урма добро би се вклопиле
Подготовка
Навидум ќе речите дека е стандардна овошна салата, дробено овошје и засладувач, ништо посебно... но, не испадна баш така. Јас ја правев со ненормално добар по вкус џус од портокал и во комбинацијата со чија семките, стана посебна. Мислев одозгора да додавам и шлаг пена и да вметнувам јатки ореви, но во ваквиот склоп едноставно немаше потреба.
Најпрво ставете го чиа семето во џус од портокал (препорачувам) или во исцеден сок или пак ако немате при рака, можи и со лимон да пробате или само вода, па додадете некој аромат во неа на пример... Оставете го така најмалку 20-30 минути и во меѓувреме кога ќе се сетите на него промешајте.
Ако планирате да правите за гости и знаете дека идниот ден ќе доаѓаат, тогаш можи и од вечер да си го спремите овој дел.
Изборот и количината на овошје е спрема вкусот, сезоната и она што се има по дома. Убаво е кога со изборот би се направил добар колорит од салатата, бидејќи најпрво почнуваме со очите да јадиме, нели.
Овошјето го сецкаме на посакувани парчиња и го мешаме со лимонот за да не потемни. Јас не го смешав, не отемна. Или заради џусот кој имаше солиден киселкаст вкус или можеби затоа што после фотосесија веднаш седнавме и ја изедовме. Доколку чиа семето го ставате во обична вода или недоволно засладена подлога или пак си сакате поблагичко, особено ако овошјето не ви ги задоволува критериумите со неговата блажина, тогаш ставете и измешајте со лимонот и 1 лажица мед или засладувач по ваша желба и можност.
Направете си, уживајте во убавиот вкус на салатата, полна со витамини од овошјето и лековитите особини на члиа семето.