Домашен мезе паризер
Состојки
- 400 гр бело пилешко месо
- 3 јајца
- 75 гр гриз
- 50 мл маслиново масло
- 2 чешниња лук
- 50 гр кашкавал
- 30-50 гр (кој колку си милува) зелени маслинки со пиперче
- 2 лажици ситно сецкан магдонос
- 1 лажиче црвен пипер
- 1 лажиче мешавина италијански зачини
- 1/2 лажиче кари
- малку црн бибер и енибар
Подготовка
Исецкајте го месото на мали коцкички. Ставете 300 гр во блендер, а другите оставете ги на страна. Во блендерот додадете ги зачините, ситно исецкан лукот и маслото, па изблендирајтедо кашеста содржина.
Во сад на страна изматете ги јајцата. Додадете го гризот, блендираното месо и магдоносот. Измешајте убаво со шпатула или лажица. На крај додадете ги маслинките исецкани на кругови или оставете ги цели ако сакате и месото кое предходно го тргнавме на страна.
Уште еднаш се промешува убаво се и содржината се пренесува врз поцврста најлон самолеплива фолија, се распоредува во облик на салама и на краевите се витка како бомбона.
Вака стокмена се обвиткува одозгора со алу-фолија на истиот начин, па се става во подлабок сад во кој се налева вода 2/3 вода од неговата висина.
Се остава да се готви на средно тивка температура (онаа температура која ќе е доволна водата да испарува, но не и да врие) околу 1 час.
Времето можи да е и пократко (околу 45 мин) доколку имате сад каде би ја собрала целата салама и толку длабок да ја покрива целосно со вода. Кај мене не ја покриваше, па ја оставив 1 час со повремено превртување на саламата од сите страни. По кој услов и да ја готвите, репер дека е готова е кога е цврста при допир.
Доколку не сакате да ја превртувате а немате толкав сад да ја собери и да ја прекрие нивото на водата, тогаш можи смесата да ја поделите на 2 дела и да направите 2 потенки и помали салами, особено ако ја правите за пречек на гости пак, ќе ви излезат повеќе и позгодни, поситни парчиња за сервирање, а и не мора да превртувате додека се готви.