Лисната погача со ќофтиња
Состојки
- За ќофте
- 250 гр мешано мелено месо
- 1/2 од фант за ќофтиња
- За тесто
- 550 гр брашно
- 1 лажичка сол
- 1 лажичка шеќер
- 200 мл млако млеко
- 100 мл вода (околу)
- 100 мл масло
- 1/2 сув квасец
- 125 гр путер за премачкување на тестото
- 2 лажици сува спанаќ
- За премачкување
- 2 лажици млеко
- 1 жолчка
Подготовка
Ова беше навистина вкусна погача, а сувиот спанаќ мислам дека дополнително ја освежи и и даде посебна арома и сласт.
Најпрво ги подготвуваме ќофтињата.
1. Во меленото месо ја ставаме растворената смета од фант и фино промешуваме, да се соединат состојките. Правиме мали топчиња и ги пржиме во загреано масло. Ги оставаме да се ладат.
2. Разматете го квасецот со шеќерот, лажица брашно и шоља топло млеко и оставете го да се активира.
3. Сите состојки за тесто ги замесуваме до меко тесто па го оставаме да стаса, да се дуплира.
4. Го размесуваме тестото, па го расукуваме во правоаголна форма и врз него рендаме од ладниот путер. Го распоредуваме путерот со размачкување, посипуваме од спанаќот и го виткаме тестото во ролат. Сечеме парчиња на кои во средината им ставаме по едно ќофте, фино ги затвораме и ги редиме во подмачкано со масло тавче бр.26, со затворената страна надолу.
5. Ја премачкуваме со разматена жолчка со млеко и додека да се загрее рената на 200 степени, ја стасуваме погачата.
Забелешка
Во смесата за ќофтиња можете да си ставите доколку сакате и свеж рендан кромид или по желба зачини. Мене ми се вкусни вака само со фант, па затоа ништо дополнително не ставам.
Ќофтиња треба да направите околу 20 на број, а исто толку треба и парчиња од ролатот од тестото да пресечете за да го наполните убаво тавчето.
Сушен спанаќ првпат сретнувам и многу се израдував кога го најдов. Аромата што и ја даде на погачава беше посебна.
Погачата се изеде за миг, ете толку беше вкусна. Дури и на најголемиот „пребирач“ во семејтвото ептен му се допадна. Среќа што се уште додека беше жешка ја фотографирав, инаку ќе требаше да ја правам повторно за да ве запознаам со овој мој нов рецепт за погачи.