Испечати

Рудолфови перничиња

Рудолфови перничиња

Состојки

  • 10 гр свеж квасец
  • 45 мл топла вода
  • 1 лажичка шеќер
  • 300 гр брашно
  • 1/2 лажичка сол
  • 3 јајца
  • 50 гр путер или маргарин

Подготовка

Едноставни, но многу вкусни. Се мешаат и со благо и со солено. Ненормално воздушести во внатрешната страна и што е исто така многу битно за ваквите прженици, воопшто, ама ВООПШТО не се мрсни. Кога еднаш ќе ги пробате ќе ги обожавате засекогаш и ќе станат вашите омилени, стандардни пржени перничиња. Благодарение на Рудолф, во мое издание, повелете постапката:

Ставете го квасецот во млаката вода и додадете го шеќерот. Оставете го 5 минути да се активира.
Во сад за месење, ставете го брашното, солта, јајцата и путерот кој примил собна температура.
Додадете го и квасецот, па измесете глатко тесто.
Тестото оформете го во кора со големина од една чинија, набрашнете го, замотајте го во најлон фолија и оставете го во фрижидер 2 часа.

На набрашнета работна површина исукајте тенка кора. Исечете ја кората на коцки и загрејте го маслото за пржење.
Ставајте од коцките тесто во добро загреано масло, бидејќи ако не е, нема да се надуваат перничињата. Пржете ги кратко време и на брзо превртете ги, па потоа одложете ги врз хартиена салфетка.

Наполнете ги со нугат крем, со вашиот омилен намаз или ако имате некоја салата, како што се погоди кај мене, руската, или едноставно јадете ги како ви е мерак. Служете ги топли, иако и ладни се одлични.