Испечати

Емби - шишарки

Емби - шишарки

Состојки

  • 250гр. маргарин
  • 100гр. чоколадо за готвење
  • 250гр. корнфлекс
  • 100гр. сусам
  • 7 големи лажици мед
  • за моделирање- цедалка за лимон или портокал
  • за глазирање на колачите
  • 100гр. чоколадо за готвење
  • 2 лаж. масло за јадење

Подготовка

Некои овие колачиња ги викаат шишарки, но јас популарно ги знам како „емби“, поради тоа што на времето се правеа од корнфлекс кој се викаше „емби“. Ме потсетија на детството, затоа што тогаш често тетките ни ги правеа по слави, имиња и различни други пригоди. Ние пак како деца, веднаш со рачињата се посегнувавме баш по овие колачиња.
Рецептот едноставен и брз, а тие превкусни и крцкави.

Прво се става маргаринот да се топи заедно со чоколадото за готвење. Откако ќе се растопи убаво се трга од оган и се остава да се подизлади малку се додека не биде млако.
Потоа, во таа смеса се става корнфлексот, медот и сусамот.
Убаво се меша смесата и се остава малку корнфлексот да ги впие чоколадото и медот. За тоа време, Вие го спремате калапчето во кои ќе ги моделирате- цедалката за лимон од вдлабнатата страна ја обложувате со најлонска фолија и ја полните со смесата од корнфлекс. Нема да се залепат, а и лесно оди сета постапка. На крај, ембите се ставаат во фрижидер да се стегнат, па потоа повторно се вадат и секоја емба се потопува во претходно растопено чоколадо со масло за јадење и маргарин. Откако ќе го завршите и ова, повторно се враќаат ембите во фрижидер за да се стегнат. На третото вадење од фрижидерот, веќе се спремни за консумирање!

Забелешка - во зависност од тоа колку е голема цедалката, ќе имате и голем или мал отвор. Јас во мојата цедалка ставав по две неполни големи лажици од смесата и добив околу 35 парчиња на емби. Во смесата можете да додате и сецкани лешници, суво овошје или било каква друга состојка. Јас моите ги направив по традиционалниот рецепт.

Добар апетит!